ОФИЦИЈАЛНО: Ова е темелно-преработениот Lexus IS! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ОФИЦИЈАЛНО: Ова е темелно-преработениот Lexus IS!

Темелно преработениот седан на јапонскиот бренд добива ревидирана шасија, целосно нов дизајн на екстериерот и оплеменет ентериер.

Пред да зборуваме за визуелните измени, ајде прво да зборуваме за она што се крие под новата кожа на Lexus IS. Платформата на која е поставен е ревидирана и многу од челичните компоненти се заменети со алуминиумски – па вкупната тежина е намалена. Некои од компонентите се меѓу 17 и 20% полесни од старите компоненти кои ги заменуваат. Целата шасија е дополнително надградена за да биде поцврста – а тоа директно резултира со подинамично управување. Новитет се и амортизерите со специјални вентили кои овозможуваат подобрување на комфорот преку „пеглање“ на ситните нерегуларности.

Инаку, иако дизајнот на новиот Lexus IS не е променет „од корен“, сепак новиот модел прави чекори од седум милји во вистинската насока. Всушност, ќе кажеме дека изгледа одлично, и (барем на фотографии) ни е еден од омилените спортски седани кои се достапни на пазарот. Силуетата е типична за спортски седан – долг преден дел, кратки надвисоци напред и позади и краток заден дел кој сугерира динамичност и спортски карактер. Непотребни линии скоро и да нема – едноставно, целиот автомобил изгледа како скулптура. Особено добро изгледа F Sport изведбата која добива уште поагресивни браници, дискретен заден спојлер и големи тркала. Полн погодок!

Кабината нема претрпено толку екстензивни измени – но да бидеме искрени, немаме преголеми забелешки на тоа, поради фактот дека Lexus ги прави меѓу најдобрите кабини на пазарот. Добиваме нов мултимедијален уред со Android Auto и Apple CarPlay функционалности, нови материјали за некои од површините, како и редизајнирани отвори за вентилација. Во ред, признаваме дека измените во кабината не се значителни, но сепак доволно го освежуваат јапонскиот спорски седан.

Во однос на понудата на погонски единици, за купувачите во САД веќе се најавени IS300 со 2-литарски турбо-бензинец со 244 коњски сили, IS300 AWD со 3.5-литарски V6 со 260 коњски сили, како и IS350 so 3.5 литарски V6 со 315 коњски сили. Сега за сега немаме официјални информации околу погонските единици кои ќе се нудат во Европа, но очекуваме дека и понатаму во понудата ќе остане хибридниот IS300h – но би било прекрасно ако Lexus одлучи да ни го понуди и IS300 со 2-литарскиот турбо-бензинец.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.