Deloitte: Дури 40% од цената на автомобилот отпаѓа на електрониката! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Deloitte: Дури 40% од цената на автомобилот отпаѓа на електрониката!

Според извештај од Deloitte, кој го пренесуваат колегите од Car & Driver – електрониката е заслужна за околу 40% од цената на модерните автомобили.

Сакале ние или не, модерните автомобили стануваат вистински компјутери на тркала – а тоа пак значително ги зголемува цените.

Според извештај на Deloitte, електрониката во автомобилот во моментов е „крива“ за околу 40% од цената на возилото, а таа бројка се очекува да се искачи до 45% до 2030. Зошто? Па, одговорот е прилично едноставен – според статистиките на Deloitte, во 2004 околу 25% од возилата имале воздушни перничиња, а помалку од 50% имале електрични седишта. Но трендовите се сменети – па сега повеќе од 80% од новите возила имаат контрола на стабилност, странични воздушни перничиња, системи за следење на притисокот во гумите, итн.

Секако, тука се и другите, модерни додатоци – ретровизори кои автоматски се затемнуваат, адаптивен темпомат, модерните инфозабавни мултимедијални уреди, итн. Дополнително, тука се и технологиите за заштеда на гориво – системите за деактивација на цилиндри, старт-стоп системите, хибридните системи, итн. Сето тоа резултира со многу, многу повеќе компоненти во нашите автомобили. Колку се напредни автомобилите? Интересна е споредбата дека Golf 7 имал помалку од 100 метри кабли во него, додека Golf 8 има повеќе од 1300 метри кабли и жици!

Всушност, интересна е споредбата која доаѓа од Deloitte – во 2000-тата година, само 18% од цената на возилото била диктирана од електрониката, а сега таа бројка е искачена на 40%.

Со оглед на трендовите, не очекуваме оваа бројка да започне да се намалува. Всушност, како што „тргнале работите“ – компјутеризацијата на нашите автомобили само ќе се забрзува.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.