Екстра-лесното гориво загадува повеќе од дизелот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Екстра-лесното гориво загадува повеќе од дизелот

Поради различните стандарди кои треба да ги задоволат екстра-лесното гориво и дизелот, според податоците, токму екстра-лесното гориво загадува многу повеќе од дизелот.

Според Стопанската Комора, статистиката покажува дека годишно во нашата држава се трошат 50 милиони литри ЕЛ-1, додека за да се задоволат годишните потреби на домаќинствата потребни се не повеќе од 5 милиони литри. Тоа што Стопанската комора го покрена како проблем со пресметките од Светската Банка дека околу 90 проценти од Екстра лесното гориво на нашиот пазар завршува како гориво за транспорт, го потврди и првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.

„За изедначувањето на акцизата на Екстра лесното гориво со дизелот РКЕ имајќи ги во предвид податоците, но и голем број на дојави за злоупотреба на ЕЛ кое понекогаш се користи како дизел гориво, а акцизата е многу ниска и на тој начин се намалуваат приходите во буџетот на државата и со тоа се оштетуваат сите граѓани, апсолутно ја поддржуваме оваа мерка, имајќи во предвид и еколошкиот аспект дека ЕЛ гориво е со далеку полош квалитет во однос на дизелот“ – изјави Бислимовски.

Дизелот што се продава на бензиските станици во нашата држава мора да ги исполнува минимум Еуро 5 нормите за издувни гасови кои се пропишани со македонскиот стандард МКС ЕН 590, односно не смее да содржат повеќе од 10 милиграми сулфур на килограм, додека Екстра Лесното гориво, (кое е наменето за домаќинства и индустрија и има црвена боја) не смее да содржи над 0.1% м/м сулфур што е еквивалент на 1000 милиграми на килограм. Разликата во дозволеното количество сулфур меѓу дизелот и екстра лесното гориво е 100 пати.

Министерството за финансии се уште е во фаза на подготовка на анализи, по што ќе излезе со конкретен предлог до Владата, по прашањето каков е ставот по однос на барањето на Стопанската Комора за изедначување на акцизата на Екстра лесното гориво со дизелот, со што би се спречиле масовните злоупотреби кои се прават и предизвикуваат дупка во буџетот, но и еколошка штета.

Според првиот човек на Регулаторната Комисија за Енергетика Марко Бислимовски, изедначувањето на акцизата на екстра лесното гориво со дизелот ќе биде од корист на сите, имајќи во предвид дека со злоупотребата некаде во буџетот на државата недостасуваат околу 30 милиони Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.