ПРЕМИЕРА: McLaren 600 LT Spider е реалност! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: McLaren 600 LT Spider е реалност!

LT, или Longtail е термин кој во McLaren е сфатен доста сериозно – неколку модели во минатото го носеле тој „прекар“, но во сегашноста, McLaren го користи тој термин за сите ексклузивни, спортски ориентирани верзии на своите сериски модели.

Тоа не води до McLaren 600 LT и 600 LT Spider – четвртиот и петтиот LT модел во понудата на овој престижен спортски британски бренд. 600 LT беше претставен неодамна, како ултра-спортска верзија на серискиот 570S, па сосема логично беше и 570S Spider да добие своја LT верзија, која McLaren ја престави пред само неколку дена.

Перформансите остануваат многу слични на 600 LT Coupe, со 0-100 км/ч време од 2.9 секунди, 0-200 км/ч за само 8.4 секунди и максимална брзина од 324 км/ч. Тежината во споредба со „стандардниот“ 570S Spider е намалена за 100 килограми, но за тоа треба да ги нарачате специјалните карбонски седишта кои доаѓаат директно од McLaren Senna, да го исфрлите радиото со пропратните елементи и звучници, како и да апстинирате од клима-уред. Веруваме дека апсолутно никој нема да посегне по оваа спецификација, но McLaren сепак тоа го нуди како опција.

Најважниот дел кај 600 LT Spider е секако погонот: 592 коњски сили и 620 њутн-метри вртежен момент се навистина астрономски бројки за автомобил кој тежи околу 1300 килограми! Дополнителни елементи кои го диференцираат 600 LT Spider од 570S Spider се фиксниот заден спојлер, агресивниот сплитер како и навистина импресивните издуви кои редовно испуштаат оган при агресивно возење (и за кои, искрено, не знаеме како се легални).



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.