РЕТРОСПЕКТИВА: Porsche 911, генерации 993 и 996 – Крај на воздушното ладење, почеток на „водената“ ера! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

РЕТРОСПЕКТИВА: Porsche 911, генерации 993 и 996 – Крај на воздушното ладење, почеток на „водената“ ера!

На 27-ми ноември ќе биде претставена новата, осма генерација на Porsche 911. Со овој серијал на текстови, CARclub.mk сака да ве потсети на изминатите седум генерации кои придонесоа до легендарниот статус на овој германски спортски автомобил. Денес ќе зборуваме за последниот 911 со воздушно ладење, како и првиот 911 со водено ладење.

Porsche  911 (993) – Крај на воздушната ера

Генерацијата број 4 започнува со производство во 1993 година и го добива името 993, и за многу Porsche ентузијасти важи за врвот на 911 моделите. Имено, во 993 за последен пат можеше да се добие мотор со воздушно ладење како и хидрауличен серво волан – комбинација која за ентузијастите е нешто свето! Додека дискутираме за моторите, моќноста повторно се зголемува кај основните модели, овој пат на 272 коњски сили, со можност преку доплата да се „ослободат“ доста солидни 300 „коњи“. Секако, „ѕвезди“ на оваа генерација беа би-турбо моторите, повторно со воздушно ладење. 911 Turbo со својот 3.6 литарски мотор испорачуваше 408 коњски сили, додека 911 GT2, произведен во само 100 примероци, од истиот мотор испорачуваше 450 коњски сили – бројки тотално вон овој свет за 1995 година и автомобил со димензии на 911.

Во поглед на дизајнот – или како што повеќе би одговарало за 993 – редизајнот, целата шасија овој пат е изработена од алуминиум. Дизајнерскиот јазик повторно еволуира вметнувајќи модерни детали како нови, пластични светлосни групи кои овозможиле порамни предни крила, прозорци кои сега „лежат“ рамно со каросеријата и повторно затегнување на линиите. Да, 993 повторно наликува на претходникот, но единствена форма која е идентична со 964 генерацијата е само кровот – се друго е ново, рафинирано, редизајнирано. Алуминиумската шасија која веќе ја споменавме придонесува до зголемена агилност, цврстина и целокупно чувство на стабилност со помош на „самоуправувачката“ Weissach задна оска.

Поврзано:  Porsche се подготвува да го претстави првиот хибриден 911

На почетокот на производството, достапни се само купе и кабриолет верзиите, додека 911 Targa доаѓа во 1995-та година – претпоставуваме поради комплицираниот стаклен кров и времето потребно да се усоврши неговото функционирање. Новитет во понудата е и Carrera 4S, модел кој ја комбинира проширената каросерија на 911 Turbo но без задниот спојлер, со некој од основните мотори и погон на 4 тркала. Целокупното производство од 1993 до 1998 година изнесувало 68.881 примероци.

Porsche 911 (996) – Контраверзен лик, контраверзен мотор

Регулациите за емисии на штетни гасови стануваат се построги како што одминуваат годините. Интерни истражувања во Porsche покажуваат дека моторите со воздушно ладење кои 34 години го красеа задниот дел на 911 веќе нема да можат да ги задоволуваат стандардите. 1997-ма година е годината на првото значително отстапување од концептот кој се продаде во повеќе од 420.000 примероци – отстапувањето доаѓа преку мотор со водено ладење. За ентузијастите тоа беше еквивалентно на „плукање по светото“, но статусот на автомобилска икона ја прошири таргет групата на Porsche 911 и подалеку од верните ентузијасти, па губење на 10.000 купувачи но добивање на нови 100.000 беше сосема прифатливо за германскиот производител.

Новиот мотор со водено ладење, како и други фундаментални промени во процесот на производство значеа дека Porsche 911 сега дели многу компоненти со своето помало „братче“ – Porsche Boxster – а со тоа и може комплетно да ја задоволи зголемената побарувачка и да продаде далеку повеќе автомобили во слична временска рамка како и минатите генерации. Зголемената побарувачка се должеше и на модернизиран изглед, зголемени димензии но слични пропорции како претходникот, со што формата остана препознатлива. Нов дизајн со поквалитетни материјали можеше да се најде и во внатрешноста на секое Porsche 911 996, а зголемените димензии нудеа значително повеќе простор во кабината – што се покажа многу значително за привлекување на нови купувачи кои претходно не размислувале за 911.

Во поглед на мотори, 911 996 повторно нуди избор помеѓу атмосферски и мотори со тубро полнење. Атмосферските мотори имаат зафатнина од 3.4 литри и моќност од 300 коњски сили (подоцна 3.6 литри и 320 коњски сили), додека моторите со турбо полнење кои се вградуваа во 911 Turbo, 911 Turbo S и 911 GT2 имаат зафатнина од 3.2 литри и моќност од 420 па се до 483 коњски сили за 911 GT2. За жал, долговечноста на атмосферските мотори не е нивниот најсилен адут – моторот и движечките делови не добиваат доволно масло при агресивно возење низ свиоци па сопственикот може непријатно да се изненади од звукот на „метал-со-метал“ триење и тропкање. Турбо моторите важат за навистина неуништливи и за одлична база за понатамошен тјунинг – па и до 800 коњски сили.

Поврзано:  Porsche ја проширува понудата на Macan со новите RWD и 4S варијанти

Во 2002-ра година, Porsche се обиде да ги привлече ентузијастите кон оваа генерација со 911 GT3 и 911 GT3 RS, верзии кои беа олеснети, помоќни и целосно прилагодени за уживање на патека, но и на тесни и возбудливи јавни патишта. Вкупно беа произведени 175.262 примероци од оваа навистина успешна генерација.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.