full screen background image
Search

И електричните возила сега имаат Mercedes – претставенo првото целосно-електрично возило на Mercedes-Benz, новиот EQC

Mercedes-Benz пред само неколку моменти го претстави електричниот SUV кој ќе ја носи ознаката EQC, кој и воедно е првото целосно-електрично возило на брендот кое ќе оди во сериско производство.

Прилично амбициозно – дури можеме да кажеме и со одредена доза на ароганција која му прилега на брендот – Mercedes-Benz го претстави новиот EQC со изјавата дека „сега и електричните возила имаат Mercedes-Benz.“ Тоа зборува многу за амбициите кои германскиот производител на луксузни возила ги има за својот прв електричен автомобил, но и за сите други електрични возила кои ќе бидат дел од EQ-гамата.

Иако веќе го видовме Concept EQA (кој патем, е дизајниран од македонецот Славче Таневски), сепак првиот модел од EQ-гамата е токму EQC. Ова е сосем разбирливо ако ја земеме во предвид популарноста на SUV-моделите ширум светот. Од Mercedes-Benz кажуваат дека новиот EQC не само што е одличен електричен автомобил, туку е Mercedes-Benz во вистинска смисла на зборот и ќе нуди практичност, комфор и безбедност како врвните модели на брендот.

Mercedes-Benz EQC е придвижуван од елекрична платформа која вклучува два електромотори (по еден на секоја оска) и литиум-јонски батериски модул со 384 ќелии и капацитет од 80 kWh. Денес го видовме новиот EQC 400 4Matic, чија што ознака кажува дека е со погон на сите четири тркала. Според официјалните податоци, потрошувачката на електрична енергија изнесува 22.2 kWh на 100 изминати километри, а емисијата на штетни гасови е – секако – 0 грама на изминат километар.

Од Mercedes-Benz кажуваат дека предниот мотор е „оптимизиран за врвна ефикасност“ и всушност нуди подобра автономија, а задниот мотор „додава спортски карактер“. Резултатот на сето ова се 402 коњски сили и 765 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 километри на час се очекува да биде околу 4.9 секунди, максималната брзина е електронски ограничена на 180 километри на час, a со едно полнење ќе може да се поминат 300 километри.

Поврзано:   Mercedes-Benz ја лансира новата хибридна S-Class S560e


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.