Porsche го претстави Project Gold – 993 Turbo направен од Porsche Classic дивизијата! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche го претстави Project Gold – 993 Turbo направен од Porsche Classic дивизијата!

Porsche Classic дивизијата работеше 18 месеци на можеби најдобриот воздушно-ладен 993 на сите времиња – и денес конечно, еве го пред нас!

Вистински-уникатниот модел е направен како дел од прославата за 70 Години Porsche Спортски Автомобили (од која и ние бевме дел). Porsche започна со примерок на 993 кој го „соголе до метал“ и веднаш започна процес на реставрирање и заштитување. Заштитата од корозија и процесот на фарбање се истите кои се користат и кај модерните автомобили, а Project Gold е во истата златна боја како и 911 Turbo S Exclusive Series.

Во задниот дел е вграден нов 3.6-литарски твин-турбо боксер со шест цилиндри кој испорачува 450 коњски сили, исто како и оригиналниот 993 Turbo. Автомобилот добива и нов мануелен менувач, како и нов систем за погон на сите четири тркала кои доаѓаат директно од Porsche Classic, а автомобилот добива и засебен сериски број – кој веднаш го следи бројот на последниот 993 Turbo направен во 1998-мата година.

Ентериерот е дело на внимателните мајстори од Porsche Exclusive Manufaktur и наликува на оној кај 911 Turbo S Exclusive. Ќе забележите многу златни детали и опшивки, но и прекрасна црна кожа насекаде низ кабината. Од Porsche кажуваат дека автомобилот нема да остане кај нив, туку ќе се продаде на аукција во Атланта на 27ми Октомври, а парите ќе бидат донирани во добротворни цели. Со оглед на популарноста на воздушно-ладените модели на Porsche, но и уникатноста и специјалноста на овој примерок, се очекува дека автомобилот ќе се продаде за повеќе од 1 милион долари.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.