full screen background image
Search

Женева 2018: Range Rover SV Coupe – 2 врати, 565 коњски сили, 999 примероци, 270.000 евра!

Range Rover SV Coupе е единствениот луксузен SUV со две врати во светот – и ќе се произведе во екстремно-лимитирана серија од само 999 примероци!

Задолжени за развој на овој несекојдневен автомобил беа луѓето од Land Rover Design заедно со SVO (Special Vehicle Operations) тимот. Финалниот продукт е навистина привлечен и интересен SUV кој ќе може екстензивно да се персонализира.

„Range Rover SV Coupe е своевидна прослава на историјата на Range Rover. Со драматична силуета со две врати, ова големо купе со четири седишта од кое застанува здивот алудира кон наследството, но истовремено е модерн и современ.“ – изјави шефот за дизајн Gerry McGovern, и додаде – „Прекрасно реализиран и развиен, Range Rover SV Coupe го нуди најдостоинствениот, најлуксузниот и најекслузивниот Range Rover на сите времиња.“

Навистина нема потреба многу да зборуваме за дизајнот – едноставно, во нашите очи изгледа фантастично. Секој примерок ќе биде персонализиран во согласност со барањата на купувачот и ќе се користат врвни материјали и достапни ќе бидат најновите технологии.

Да не заборавиме ниту на погонот – Range Rover SV Coupe ќе биде придвижуван од 5-литарски компресорски V8 кој испорачува 565 коњски сили. Забрзувањето до 100 километри на час ќе трае рамно 5 секунди, а максималната брзина е 265 километри на час – податок кој истовремено го прави SV Coupe најбрзиот Range Rover на сите времиња.

Цена? Ситница – во Обединетото Кралство ќе чини од 240.000 фунти, односно скоро 270.000 евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.