Женева 2018: e-tron ќе биде првиот целосно-електричен автомобил на Audi – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Женева 2018: e-tron ќе биде првиот целосно-електричен автомобил на Audi

Audi во Женева го откри прототипот за својот прв целосно-електричен автомобил – и кажуваат дека спортскиот SUV ги комбинира просторот и комфорот на луксузен автомобил со автономија соодветна за секојдневна употреба.

Инженерите од Audi се сериозни околу новиот e-tron. Всушност, кажуваат дека скоро 250 возила ќе бидат искористени за развој и тестирање на новиот модел, и ќе бидат возени во екстремни услови ширум светот. Ќе бидат поминати повеќе од 5 милиони километри на четири различни континенти, при температури од -20 до +50 степени!

Според Rupert Stadler од Audi, e-tron е значителен за компанијата бидејќи е првиот целосно-електричен модел и ја најавува иднината на брендот. „Во 2020 ќе имаме три целосно-електрични возила во нашата гама – Gran Turismo со четири врати (сериски модел од e-tron Sportback концептот), овој SUV, но и модел во компактниот сегмент. Ќе лансираме повеќе од 20 електрични и плаг-ин хибридни возила до 2025.“ – изјави претседателот на Audi.

Официјалните најави од Audi кажуваат дека серискиот e-tron ќе може да се наполни за само 30 минути со полнач од 150 kW. Го задржува и Quattro погонот на сите четири тркала (кој ќе биде електричен, секако), кој пак ќе гарантира одлични перформанси на секаков терен. Интересно е што новиот автомобил ќе пристигне наскоро – продажбата ќе започне на крајот на оваа година, а ќе се произведува во карбон-неутрална фабрика во Брисел!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.