ВОЗЕВМЕ: Несекојдневно Above & Beyond искуство со автомобилите на Jaguar и Land Rover! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Несекојдневно Above & Beyond искуство со автомобилите на Jaguar и Land Rover!

Минатата седмица имавме одлична можност да учествуваме на JLR Above & Beyond турнеата во чии рамки можевме да возиме неколку различни возила на британските брендови – меѓу кои и новиот хај-тек Range Rover Velar и супер-спортскиот Jaguar F-Type!

Возилата на британските премиум брендови Jaguar, Land Rover и Range Rover секогаш изнудуваат посебно внимание – делумно заради нивната реткост на нашиот пазар, но и заради статусот на своевидни легенди на скоро сите модели на овие брендови.

Благодарение на Automobili Group – македонскиот импортер за возилата од овие брендови – минатата седмица имавме и ние можност да бидеме дел од Above & Beyond турнеата на JLR и самите да седнеме зад управувачот на некои од најновите возила на овие брендови – а особено интересни ни беа новиот Range Rover Velar кој се истакнува со својот хај-тек пристап кон нештата, како и монструозниот Jaguar F-Type V6 Coupe 400 – кој погодувате – има 400 коњски сили и погон на сите четири тркала.

Турата за македонските медиуми започна во Скопје, каде во рамките на салонот на Jaguar и Land Rover имавме можност да се увериме во теренските можности на возилата на Land Rover. Седнати во кабината на новиот Land Rover Discovery, зад чиј управувач седеше професионалец токму од Land Rover, можевме да видиме како автомобилите се справуваат со мноштвото препреки и предизвици.

Секако, како што и очекувавме – легендарниот теренец комфорно и без никакви потешкотии ги совлада овие предизвици а ние безбедно стигнавме на целта.

Но сепак – за нас најинтересниот дел од целодневното дружење беше токму можноста самите да седнеме зад управувачот на неколку различни модели на британските брендови и да ги запознаеме нивните можности. Започнавме со новиот и динамичен Jaguar F-Pace кој го возевме по скопските улици, за веднаш потоа да седнеме зад воланот на спортскиот Jaguar F-Type 400.

Мулти-талентираноста на овој автомобил е тешко да се опише – во еден момент е врескачки супер-спортист кој од компресорскиот V6 изнудува 400 коњски сили и сосем добро ги најавува низ издувниот систем, за со притискање на само неколку копчиња да се трансформира во цивилизиран, комфорен и брз крстостувач на отворен пат.

Поврзано:  Секој модел на Jaguar освен F-Pace ќе биде пензиониран до крајот на годинава

Сепак, човек мора да признае дека F-Type одлично го буди 12-годишното дете во секој од нас, и дека едноставно не можевме да не уживаме во сите звуци и сензации кои F-Type ги изнудува.

Од F-Type се префрливме во новиот Range Rover Velar, кој од другата страна е совршена антитеза на хардкор пристапот на F-Type. Velar освојува со достоинствениот пристап кон хај-тек транспортот и не обвива во мир, тишина, релаксираност и смиреност. Ова е еден од оние, идеалните автомобили за „преџвакување“ илјадници километри во едно седнување. Неговиот 3-литарски турбодизел кој испорачува 300 коњски сили е идеален сопатник – мирен, рафиниран и економичен, а доволно моќен да се постигнат брзини значително повисоки од дозволените, без притоа во кабината да се наруши идеалниот мир.

Понатаму, имавме можност да возиме и Discovery Sport, но особено интересен беше новиот Discovery кој ако добро го опремите претставува одличен партнер за скоро сите теренски, но и улични предизвици. Големиот SUV одлично се снаоѓа на секакви патишта и ги разбираме оние кои го одбираат. За нас особено интересен беше и големиот седан XJ, кој плени со британскиот пристап кон премиум сегментот – идеално комфорен, дури иритантно рафиниран и достоинствен, а зад управувачот нуди динамичност и леснотија на движењето кои верувајте – ќе ве изненадат.

Конечно, седнавме и зад управувачот на Jaguar XF S AWD – спортската верзија на динамичниот седан на Jaguar нуди 380 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, благодарение на кои забрзува до 100 километри на час за само 5.2 секунди, а да не „праиме муабет“ дека изгледа одлично. Всушност, сите модели кои Jaguar во моментов ги нуди изгледаат привлечно и модерно. Во дискусија со претставниците од JLR, ни беше кажано дека Jaguar се обидува да го остави зад себе впечатокот дека е бренд наменет за постарите купувачи, и да привлече помлади, подинамични клиенти кои имаат сосем други очекувања од она што досега традиционално се очекувало од Jaguar.

Поврзано:  Jaguar се збогува со F-Pace со две специјални изведби на луксузниот SUV

Кога конечно се вративме во Скопје, бевме исцрпени, но исполнети со впечатоци од автомобилите на JLR. Секако, се надеваме дека наскоро ќе имаме можност уште подобро да ги запознаеме автомобилите од овие брендови, и уште подетално да ви пренесеме наши импресии од сите нив!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.