Освежениот Ford Mustang пристигна и во Европа – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Освежениот Ford Mustang пристигна и во Европа

Во Јануари оваа година, Ford го претстави обновениот Mustang на Северно Американскиот пазар, а сега е подготвен да биде лансиран и во Европа.

Со пристигнувањето на стариот континент Mustang ги добива истите измени како моделот во САД – редизајнирани предни светлосни групи кои сега доаѓаат стандардно со LED технологија, изменети решетки, нов преден браник и благо изменети задни светла.

Уште една измена доаѓа кај 5.0-литарскиот V8 агрегат кој е доработен и сега произведува 450 кс. Новитет е и новиот 10-степен автоматски менувач со систем за адаптирање на промена на степените при различни услови. Во мануелен режим може да се управува преку лопатките монтирани на воланот.

Поради ограничувањата на издувни гасови, 2.3-литарскиот EcoBoost агрегат сега испорачува 290 наместо 315 кс како претходниот модел. Овој губиток на сила е резултат на зголемениот заден притисок во издувниот систем поради додавањето на филтер за издувни честици, помогнувајќи му на автомобилот да ги исполни строгите Еуро 6.2 емисиони стандарди. Сепак, Fоrd ветува дека перформансите на EcoBoost варијантата не се изменети, благодарение на новиот 10-степен автоматски менувач и неговата Overboost функција.

Суспензијата на новиот Mustang е исто така темелно доработена и сега користи рекалибрирани амортизери и нови и поцврсти стабилизатори. Опционално ќе биде понуден и MagneRide Damping систем кој испорачува побрз одзив на промена на условите на патот со користење на специјална течност во амортизерот која може да биде електронски стимулирана да понуди поголем или послаб отпор.

Како додаток на досегашните Normal, Sport, Track и Snow/Wet режими на возење, новиот Mustang добива и два нови модови – Drag Strip, кој ги оптимизира перформансите за максимално забрзување и My модот, кој овозможува посебни сетинзи за перформансите, динамиката и звукот на издувниот систем според вкусот на возачот.

Обновениот Mustang ќе започне со продажба во Европа во текот на втората четвртина од 2018, а цените ќе бидат објавени пред неговото лансирање.

Поврзано:  Гранд Ауто станува партнер на Фудбалската Федерација на Македонија


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.