Премиера: Vision Mercedes-Maybach 6 Cabriolet – електричен кабриолет од кој застанува здивот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Vision Mercedes-Maybach 6 Cabriolet – електричен кабриолет од кој застанува здивот!

Maybach дивизијата на Mercedes-Benz го претстави својот најнов концепт – електричен кабриолет на кој навистина не можете да останете рамнодушни!


Vision 6 Cabriolet е базиран на купе-концептот претставен минатата година, но во нашите очи, кабриолетот изгледа неизмерно подобро. Автомобилот е долг скоро 6 метри и е поставен на големи, 24-инчни тркала. Поклопецот на предниот дел како да нема крај, а задниот дел се заострува до еден единствен раб. На предниот дел доминира големата хромирана маска, а на левата и десната страна од неа се острите, тенки предни светлосни групи, додека на задниот дел се истакнуваат споените светлосни групи кои не можат да не нè потсетат на легендарниот 300 SL.

Влезете во кабината, и работите се подеднакво спектакуларни! Vision 6 Cabriolet има само две седишта, а флуидноста е принципот кој е следен при дизајнирање на ентериерот. Навистина ни е тешко да одбереме зборови со кои ќе ја опишеме кабината на овој несекојдневен автомобил – комбинацијата од ретро и модерни елементи е навистина импресивна – според Mercedes-Benz, „дизајнерите одговориле на потребата на луѓето да искусат аналоген луксуз во свет кој станува сè повеќе дигитален.“

Концептот го придвижуваат четири електромотори – по еден на секое тркало – и испорачуваат вкупно 750 коњски сили. Масивниот модул со батерии е поставен под подот, и кога е поврзан на брз полнач може да обезбеди автономија од 100 километри за само 5 минути полнење. Вкупната автономија е 322 километри (односно 500 километри според NEDC). Забрзувањето до 100 километри на час трае „помалку од четири секунди“ а максималната брзина е електронски ограничена на 250 километри на час.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.