MG E-Motion ја прикажува атрактивната иднина на брендот – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

MG E-Motion ја прикажува атрактивната иднина на брендот

MG во Шангај го претстави атрактивниот концепт наречен E-Motion, кој го открива дизајнерскиот правец по кој ќе се движат претстојните модели на брендот.

E-Motion е всушност купе со две врати со издолжен поклопец на моторот и наклонето задно ветробранско стакло со краток заден дел. Предниот дел е највпечатливиот елемент од концептот. Тој се одликува со изразена предна решетка со мат сребрени детали и агресивно дизајнирани светлосни групи со LED технологија кои се протегаат до предните тркала. Според MG, светлата биле инспирирани од рефлексијата на London Eye панорамското тркало на реката Темза.

На задниот дел се забележуваат вертикално позиционирани светла покриени со остар заден спојлер, а тука е и агресивно дизајниран браник со масивен дифузер обвиен со сребрена рамка. Кабината располага со четири седишта, додека сите контроли се управуваат на допир и ротирачки копчиња сместени во отворите за вентилација. Пред возачот се наоѓа целосно дигитална инструмент табла, додека задните патници добиваат своја конзола со команди на допир.

Под поклопецот на MG E-Motion се наоѓа електрична погонска единица, за која не се објавени детални информации. Тоа што е објавено е дека концептот може да забрза од место до 100 км/ч за помалку од четири секунди, додека опсегот на возење изнасува 500 километри со едно полнење.

По премиерата на концептот и многуте добиени позитивни коментари, MG се одлучи да го одобри проектот и ќе создаде сериска изведба која би требала да пристигне во 2020 година.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.