Со претставувањето на новите AMG GT Roadster и S-Class Convertible, моделот SL изгуби дел од својот шарм. Со цел да го поправи тоа и да го направи повторно атрактивен, Mercedes ќе го препушти развојот на новата генерација на AMG одделот.
Спортската дивизија на Mercedes-Benz ќе биде задолжена да го создаде следниот SL да биде со поспортски карактер од актуелниот модел. Тоа што се знае за сега е дека ќе располага со 2+2 распоред на седење и ќе биде попростран од сегашниот модел, а истовремено ќе биде поспортски настроен од C, E и S-Class кабриолетите.
Новиот SL најверојатно ќе биде поставен на нова MSA платформа која позајмува неколку елементи од MRA платформата. Новата платформа ќе биде прилагодлива по должина и се очекува да стане база за следната генерација на SLC.
Гамата на мотори не е потврдена, но се шпекулира дека основните варијанти ќе бидат опремени со 3.0-литарски реден шест-цилиндарски агрегат со турбополнач и сила од 370 кс до 440 кс. Купувачите кои сакаат уште повеќе, ќе можат да одберат 4.0-литарски V8 кој развива околу 460 кс. Сепак, доколку и тоа не е доволно, тука ќе биде SL 63 AMG верзија со околу 611 кс и SL 65 AMG со 630 кс.
Не е споменато кога ќе биде лансиран моделот, но последните информации откриваат дека автомобилот е неколку години оддалечен од производство.