Спортскиот SUV на Audi – новиот SQ5 со 354 коњски сили претставен во Детроит – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Спортскиот SUV на Audi – новиот SQ5 со 354 коњски сили претставен во Детроит

Германскиот бренд ја претстави најспортската изведба од кросоверот Q5 – која сега доаѓа со нов V6 мотор.

Новата погонска единица е всушност 3.0-литарски TFSI V6 агрегат кој произведува 354 кс и 500 Nm вртежен момент помеѓу 1370 и 4500 вртежи во минута, и ги испорачува преку осум-степен автоматски менувач кон Quattro погонот на сите четири тркала. Резултат на ова се забрзување од 0-100 км/ч за 5.1 секунда и електронски ограничена максимална брзина од 250 км/ч.

SQ5 доаѓа со спортска адаптивна воздушна суспензија која го приближува возилото за 30 милиметри до подлогата во споредба со стандардната. Заедно со опционалниот S Sport пакет доаѓа и спортски заден диференцијал кој е способен да го подели вртежниот момент помеѓу двете задни тркала и да го испрати речиси целиот кон едно тркало, доколку е потребно. Ова значително го подобрува динамичниот карактер на управување на кросоверот.

Врвната верзија на Audi Q5 исто така нуди два дополнителни режими на возење: Allroad и Lift/Offroad, покрај стандардните Comfort, Audo, Dynamic и Individual. Во понуда ќе биде и опција за подинамично управување со воланот, кое овозможува варијабилен однос на вртење на тркалата според брзината и одбраниот режим на возење.

Екстериерот плени со вообичаените елементи од S моделите на Audi, па и овој модел располага со сива или црна предна решетка со двојни хоризонтални сечила, алуминиумски капаци на страничните ретровизори и задниот спојлер. Предните и задните светлосни групи се одликуваат со LED технологија и 3D графика, карактеристична за брендот.

Ентериерот добива сет од спортски седишта со опционални дијамантски опшивки, спортски волан и елементи од брусен мат алуминиум сериски или карбон во опција. Технолошки, моделот доаѓа со Virtual Cockpit, најновата генерација на мултимедијалниот систем MMI кој добива способност за препознавање на рачно пишување и е опремен со Android Auto и Apple CarPlay.

Гамата на системи за активна безбдност содржи систем за активно итно сопирање со детекција на пешаци, контрола на мртва точка, адаптивен темпомат, исклучување на моторот при застанување во место и асистирање во густ сообраќај до брзини од 60 км/ч.

Поврзано:  Audi го претстави концептот Q6 e-tron offroad

Новиот SQ5 дебитираше овие денови на автмобилскиот саем во Детроит, а во претставништвата на брендот ќе се појави оваа пролет.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.