Lexus го претстави хибридниот LC 500h со 359 коњски сили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Lexus го претстави хибридниот LC 500h со 359 коњски сили

Lexus ја претстави хибридната верзија на LC купето – а хибридната верзија доаѓа со 3.5-литарски V6, електромотор и 4-степен автоматски менувач.

Да, добро прочитавте – хибридниот Lexus LC 500h ќе се нуди со 4-степен автоматски менувач наместо CVT менувачот кој веќе традиционално го очекуваме кај хибридните модели на Toyota и Lexus. Инженерите на Lexus помалку или повеќе признаа дека CVT менувачот не одговара на автомобил со вистински спортски амбиции, па го замени со потрадиционален автоматик кој би требало да го подобри чувството зад управувачот.

Новото хибридно купе користи модерен хибриден систем кој комбинира 3.5-литарски V6 бензинец кој испорачува 299 коњски сили со електромотор и литиум-јонски батерии. Вкупната системска моќност е одлични 359 коњски сили кои се пренесуваат кон задните тркала преку 4-степениот автоматски менувач поставен во задниот дел на автомобилот. Благодарение на хибридниот систем, LC 500h постигнува 100 километри на час за помалку од 5 секунди.

Секако, бидејќи се работи за Lexus купувачите ќе можат да очекуваат беспрекорно изработен ентериер и многу, многу нови технологии. LC 500h го носи најновиот RTI систем за контролирање, како и новиот мултимедијален пакет на Lexus со нов графички интерфејс. Во приказната се додадени и аудио уред од Mark Levinson, а во стандардната опрема се вбројува и Lexus Safety System + кој спречува или намалува последици од сообраќајни незгоди во различни услови. Ова го прави со комбинирање на камера и екстремно прецизен радарски систем.

Премиерата е закажана за Саемот на Автомобили во Женева.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.