full screen background image
Search

Премиера: Новиот Mercedes-Benz GLC

Ознаката GLK заминува во пензија, а новиот Mercedes-Benz GLC настапува поблиску до C-Class и ветува луксуз, престиж и одлични мотори!

„Новиот GLC е понатамошен, системски чекор во имплементацијата на нашата успешна SUV филозофија. Моделот комбинира врвен комфор во возењето со спортски нишки, и импресионира како на патот, така и надвор од него.“ – изјави Thomas Weber, член на одборот на Daimler AG.

Веднаш се забележуваат кратките надвисоци како напред, така и позади, а привлечно изгледаат и LED Performance предните светла. Ентериерот влече инспирација од C-Class, но и од поголемиот GLE. Ни се допаѓа едноделната централна конзола и севкупниот изглед во ентериерот.

Задолжени за придвижување на GLC се два дизелски и еден бензински мотор. Дизелите се застапени од GLC 220d 4MATIC со 170 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, како и GLC 250d 4MATIC со 204 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Боите на бензинците ќе ги брани GLC 250 4MATIC со 211 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Во понудата ќе се најде и хибридниот GLC 350e 4MATIC кој комбинира 211-коњски бензински мотор и 116-коњски електромотор. Оваа комбинација му овозможува на автомобилот да забрза до 100 километри на час за 5.9 секунди и да постигне максимална брзина од 235 километри на час, а истовремено да има автономија на струја од 34 километри.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.