full screen background image
Search

Освежување за Audi Q3 и RS Q3!

Популарниот кросовер на Audi го доби своето очекувано затегнување на брчките, а знаменосецот RS Q3 сега има на располагање 30 коњски сили и 30 Nm повеќе од досега!

Audi го претстави освежувањето за популарниот Q3. Измените не се значителни, но се забележителни – најочигледната измена е новата предна маска на ладилникот која сега дискретно ги „допира“ предните светлосни структури. Кога веќе зборуваме за осветлувањето, вреди да се напомене дека сега Xenon осветлувањето ќе биде стандардно кај Q3, а купувачите доколку сакаат ќе можат да нарачаат предни светла изработени со LED технологија.

Моторите веќе ги знаеме – сите мотори – и бензинците и дизелите – се со турбополнач и директно вбризгување и нудат од 120 до 220 коњски сили. Новитет е 1.4-литарскиот TSI со Cylinder-On-Demand технологија кој нуди деактивација на два цилиндри кога не се потребни. Овој мотор, заедно со 2-литарскиот TDI ќе ја носат Audi Ultra значката која брендот ја чува за своите најефикасни и најштедливи модели. Дволитарскиот турбодизел е најекономичен во понудата на Q3 и ќе троши само 4.4 литри на 100 изминати километри.

На врвот на понудата на Q3 повторно е моделот RS Q3 кој благодарение на 2.5-литарскиот турбо-бензинец сега има на располагање 340 коњски сили и 450 Nm вртежен момент – зголемување за 30 коњски сили и 30 Nm. Преведено во перформанси, тоа значи забрзување до 100 километри на час за 4.8 секунди (кое порано беше 5.5 секунди) и електронски ограничена максимална брзина од 250 километри на час. Продажбата на освежените Q3 и RS Q3 ќе започне во Февруари.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi подготви освежување за кросоверот Q2



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.