Корејскиот производител ги изненади своите фанови – и на домашниот саем за автомобили во Бусан, Кореа претстави навистина несекојдневна верзија на Hyundai Veloster!
Навистина сакаме несекојдневни автомобили – а новиот концепт на Hyundai, кој едноставно се вика Veloster RM е токму тоа! Кога ќе го подигнете поклопецот кој обично го покрива моторот, под него ќе најдете – дупка!
Моторот не само што сега е на друго место, туку е и заменет со помоќна верзија. Поставен зад возачот, 2-литарскиот Theta GDI турбо-бензинец испорачува 299 коњски сили и ги пренесува кон задните тркала! Hyundai нема објавено информации околу перформансите, но сигурно се повеќе од задоволителни, со оглед на големината на автомобилот и моќта на моторот.
Концептот е малку поширок и понизок од серискиот Veloster, а бодикитот дополнително го истакнува спортскиот карактер. Секако, големите отвори за воздух поставени на задните крила, како и големиот заден спојлер најавуваат дека нешто е навистина различно кај овој Veloster. За жал, од Hyundai изјавија дека ова е само концепт кој не е поврзан со некој иден сериски модел.