Новиот Lexus NX – Луксузен кросовер од друга планета! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Lexus NX – Луксузен кросовер од друга планета!

Луксузниот бренд на Toyota официјално ја претстави сериската изведба од контроверзниот концепт LF-NX, кој беше прикажан во Франкфурт.

Позициониран под моделот RX, NX е четвртото кросовер возило во гамата на Lexus. Тој во својата класа ќе треба да се натпреварува со BMW X3, Audi Q5 и Mercedes GLK. Серискиот модел, поготово автомобилот опремен со F-Sport бодикитот, го задржал оргиналниот аглест дизајн од концептот, но неговите линии и форми се за нијанса покротки од LF-NX.

2015-Lexus-NX-200-112

Сепак, неговиот изглед е забележливо помалку конзервативен од неговите конкуренти. Највпечатливи се големата предна решетка во форма на песочен часовник, острите предни LED светлосни групи, придружени од дневните светла во форма на бумеранг и набабрените странични крила кои стандардно вдомуваат 17, а опционално 18-инчни тркала.

Во внатрешноста е користена комбинација од меки материјали и тврди метални површини. Најдоминантен елемент е централната конзола со нејзината истакната сребрена рамка. Седиштата се поставени пониско за возачот да се чувствува поповрзан со возилото, како и да се добие повеќе простор во височина.

2015-Lexus-NX-200-20

Кросоверот ќе располага со цела серија од иновативни технологии, вклучувајќи подлога за безжично полнење на мобилен телефон, мулфи функционален дисплеј со вграден G сензор и Boost метар, Heads-Up дисплеј, динамичен радар темпомат и монитор за слепата точка.

Што се однесува до погонските единици, новиот NX ќе се нуди со природно аспириран агрегат во основниот NX 200, нов 2.0-литарски турбо-бензинец во NX 200t, како и хибридна изведба означена NX 300h. Овие агрегати ќе бидат усогласени со стандарден погон на предните тркала или систем за погон на сите четири тркала.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.