Audi TT Ultra Quattro Concept ќе биде прикажан на Wörthersee 2013 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi TT Ultra Quattro Concept ќе биде прикажан на Wörthersee 2013

Audi ќе претстави супер лесен концепт од моменталната генерација на TT на овогодишниот настан Wörthersee.

Концептот е погонуван од 2.0-литарски четири-цилиндарски агрегат со турбополнач, кој произведува 310 кс и 400 Nm вртежен момент помеѓу 1,900 и 5,000 вртежи во минута. Сепак, главната одлика на автомобилот е неговата тежина која е намалена на само 1,111 килограми, што го прави односот на силa спрема тежина една коњска сила на 3.6 килограми.

Како последица на тоа, автомобилот може да забрза од 0-100 км/ч за само 4.2 секунди, односно 1.3 секунди побрзо од серискиот модел и само 0.1 секунда побавно од најсилниот модел со 360 кс – TTRS. Максималната брзина на концептот е 280 км/ч.

Визуелно, Audi TT Ultra Quattro Concept е опремен со модифицирани спојлери, карбонско задно крило, плус специјална кристално бела боја на каросеријата. Поклопецот на моторот, покривот, страничните прагови и багажникот се направени од полимер зајакнат со јаглеродни влакна. Тука се и керамички диск сопирачки со алуминиумски капаци покриени, титаниумски издувен систем и лесни алуминиумски фелни.

Од полимер се направени и панелите на вратите, централната конзола и заштитниот кафез во ентериерот, додека седиштата се преземени од R8 GT. И покрај тоа што масата на возилото е намалена за околу 300 килограми, моделот сеуште е опремен со клима, електрични прозорци и електромеханична паркинг сопирачка. Наместо стандардните надворешни ретровизори, TT Ultra Quattro Concept користи камери.

Како и многу други Wörthersee концепти, овој супер лесен Audi TT нема да се произведува. Сепак, автомобилскиот производител признава дека овие технологии за намалување на тежината ќе бидат применети кај идните модели.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.