Освежување и за Audi R8! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Освежување и за Audi R8!

Супер-спортскиот автомобил на Германскиот производител Audi го доби своето освежување, а со него и нов мотор кој нуди 542 коњски сили!

Без сомнение, R8 е навистина успешен модел за Audi, но бидејќи се продава веќе неколку години, дојде времето и за неговото освежување. Што значи тоа?

Во кратки црти, тоа значи визуелно подмладување на R8 со нови светлосни структури напред и назад, но и мноштво суптилни измени и подобрувања низ целиот автомобил. Изменета е предната маска, но и задниот дифузер, а има и нови завршетоци на издувниот систем. Новитет е и новиот 7-степен S-Tronic менувач, кој го заменува досегашниот роботизиран мануелен менувач кој се нарекуваше R-Tronic. Audi најавува дека со новиот менувач загадувањето се намалува за 22 грама CO2 на изминат километар, но и дека забрзувањето до 100 километри на час се намалува за 0.3 секунди.

Секако, најзначајна новост е новиот Plus пакет кој може да се нарача со посилната V10 изведба, и тоа исклучиво во Coupe изведбата. Оваа изведба може да се пофали со 542 коњски сили, забрзување до 100 километри на час за 3.5 секунди и максимални 317 километри на час. Овие перформанси се добиваат во комбинација со S-Tronic менувачот. Во понудата остануваат досегашните V8 и V10 модели, со 424 и 518 коњски сили, соодветно.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.