Со Project KO11, Geely цели високо… Навистина високо! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Со Project KO11, Geely цели високо… Навистина високо!

Знаевме дека Geely има големи амбиции, но не очекувавме дека ќе понуди модел директно во срцето на традиционалните теренци кои доаѓаат од Европа и Јапонија.

Океј, Ko11 не е нов-нов модел – веќе се продава под името Geely Cruiser 700 на домашниот пазар во Кина. Но од Geely не-толку-суптилно најавуваат што сакаат да постигнат токму со името. Не кажуваат официјално, но гласините се дека KO значи Knock-Out, а Geely цели директно кон традиционалните теренци кои доаѓаат од Европа и Јапонија и чие име започнува со Land. Секоја сличност е сосем случајна.

Интересно е што сега за сега, Geely нема официјално име за серискиот автомобил кој ќе пристигне во Европа следната година, па името KO11 е привремено. Сепак, дизајнот е финализиран, а KO11 е поставен на Geely Terrain Architecture (GTA) платформата на кинескиот гигант. Оваа платформа комбинира unibody структура со силна, робустна рамка – а тоа резултира со одлична ригидност на каросеријата и платформата, но и со намалени димензии и тежина. Кинеската изведба користи Range Extender погон кој комбинира 2-литарски бензинец со три електромотори за вкупно 1113 коњски сили (да, 1113 коњски сили) и батерија со капацитет од 70 kWh која овозможува до 350 километри досег на струја.

Сега за сега немаме информации дали токму оваа конфигурација ќе пристигне во Европа, но се надеваме дека Geely ќе бидат доволно храбри. Има и послаба варијанта која добива 1.5-литарски бензинец во комбинација со помала батерија и послаби електромотори.

Во меѓувреме, започна европската промоција на Monjaro (за кој веќе пишувавме) и очекуваме дека големиот SUV наскоро ќе пристигне и кај нас.

Поврзано:  Geely ќе ги користи услугите на Google надвор од Кина

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.