Шкотската компанија ги искористи механичките основи од Audi RS4 B7 и ги претвори во модерен рестромод инспириран од легендарниот рели автомобил.
Иако Sport Quattro користеше мотор со пет цилиндри, компанијата одбра да ја искористи платформата на B7 RS4 поради надолжно поставениот мотор, рачниот менувач и препознатливиот 4.2-литарски атмосферски V8.
Моторот е дополнително надграден со компресор, со што моќноста достигнува 608 во основната верзија, односно 760 коњски сили во Stage 2 изведбата. Покрај тоа, понудена е и опција за модификација на моторот која овозможува до максимални 10.000 вртежи во минута.
Благодарение на новата каросерија и интензивната употреба на лесни материјали, вкупната маса на возилото е намалена за околу 250 килограми во споредба со оригиналниот RS4, со што вкупната тежина изнесува околу 1.400 килограми.
Внатрешноста е модифицирана во ретро стил, иако задржува одредени препознатливи елементи од RS4 (сигурно го препознавте воланот), а кабината нуди речиси неограничени можности за персонализација според барањата на купувачот.
Производството ќе биде строго ограничено на само 50 примероци со почетна цена од 350.000 фунти (без основната RS4 B7), а првите испораки се очекуваат во втората половина на 2027 година.

















