ТЕСТ: Lexus RX 500h F Sport+ – Најдобро чуваната тајна на Lexus. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Lexus RX 500h F Sport+ – Најдобро чуваната тајна на Lexus.

Знаменосецот на Lexus влегува во сосем ново поглавје и за прв пат во својата историја станува нешто сосем поинакво – луксузен SUV обмотан околу хибриден погон со високи перформанси.

Верувале или не, поминаа нешто повеќе од три години од пристигнувањето на најновиот Lexus RX во Македонија, и со задоволство можеме да кажеме дека ете, конечно пристигна на тест. Но вредеше да се чека за моделот кој пристигна – денес ќе зборуваме за врвната изведба на јапонскиот луксузен SUV – а тоа е RX со суфиксот 500h и изведба Sport+.

Турбо-бензинец, два електромотори… Менувач со шест брзини?

Ајде да почнеме со ред. Што всушност значи 500h? Основата за хибридниот погон е 2.4-литарски турбо-бензинец кој испорачува 270 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 460 Nm вртежен момент од 2000 до 3000 вртежи во минута. Бензинецот се комбинира со два електромотор – едниот поставен меѓу моторот и менувачот, кој испорачува 87 коњски сили и 292 Nm вртежен момент, вториот поставен на задната оска кој испорачува 103 коњски сили и 169 Nm вртежен момент.

Резултат на сето ова се 371 коњскa силa и 550 Nm вртежен момент, кои се пренесуваат преку ECT-i автоматски менувач со 6 брзини. Не, не го прочитавте тоа погрешно – RX 500h  не користи eCVT, туку нијанса поконвенционален менувач.

И сето тоа значи прилично уверливо забрзување до 100 километри на час за само 6.2 секунди, како и 210 километри на час. Истовремено, целиот погон е изненадувачки ефикасен. Во ред, можеби не толку ефикасен како некои други погони на Toyota, но нешто под 10 литри на 100 километри во градски услови за SUV тежок 2.2 тони и не е толку лошо, нели?

Од друга страна, погонот е подготвен во секој момент да ја испорача сета таа моќност. Особено кога ќе префрлите во спортски режим на работа, RX целосно го менува неговиот карактер – станува динамичен и самоуверен, управувањето станува попрецизно, а големиот SUV како да сака да биде „фатен за рогови“ и возен поагресивно. Плус, самиот факт дека преносот има вистински брзини значително ја зголемува инволвираноста во возењето. Го нема она здодевното, монотоно „завивање“ на eCVT менувачот – овој Lexus крие вистински возачки потенцијал.

Ниска, самоуверена форма и агресивен дизајн.

Инаку, ова е најновата, петта генерација на RX. И со оваа генерација, Lexus како одново да го дефинираше моделот. RX изгледа значително посамоуверено и веќе не изгледа толку многу како Уште-Еден-Голем-SUV, туку сега изгледа значително посамоуверено.

На прв поглед, тоа најверојатно највеќе се должи на ниската силуета и нагласено-купеовската форма. На предниот дел вниманието највеќе го привлекуваат широката предна маска и страничните отвори за воздух, но и широките предни светлосни групи со комплексна графика.

„Носот“ е издаден нанапред, што пак му дава на Lexus RX поагресивен, поајкулест лик. Острите линии од предниот дел продолжуваат кон страниците, а во долниот дел на вратите е извајан интересен карактерен елемент кој на профилот му наметнува скапоцена, тензична површина. Крилата се одлично исполнети од големите тркала, а профилот го заокружува дискретниот заден спојлер.

И кога сме кај задниот дел, таму доминира широкиот, трендовски едноделен светлосен елемент, над кој гордо стои името LEXUS. И всушност, Lexus треба навистина да се гордее со RX, особено во оваа храбра брозена боја.

Внатре е… Како во Lexus.

Внатре е… Како во Lexus. Во кабината на RX едноставно доминира она чувство на солидност по кое е препознатлив јапонскиот бренд.

Скоро сè е обвиено во супер-квалитетна и мека кожа, а контролите ја имаат онаа цврстина и тежина која ја очекуваме кај луксузните автомобили. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти (на чија графика ѝ се познаваат годините, ако сме искрени), додека на средината на арматурната табла е поставен инфозабавниот систем. Софтверот не најинтуитивниот на светот, но брзо се навикнавме, а ќе ги пофалиме мулти-модалните тркалца за контрола на клима-уредот. Толку едноставно, а толку елегантно решение.

На централниот гребен меѓу возачот и совозачот се поставени селекторот за преносот кој е тооооолку добар за користење, како и селекторот за режимите за возење, а тука е и безжичниот полнач за мобилен телефон. За жал, режимот за возење се одбира на екранот, нема засебно копче за него.

На задната клупа има изненадувачки многу простор, како за нозете на патниците, така и за нивните глави. Велиме изненадувачки, затоа што купеовската линија како да сугерира дека во кабината ќе биде тесно – но едноставно, не е така. Благодарение на нагодливиот наслон, се патува комфорно и кон подалечни дестинации. А задните седишта добиваат и свои контроли за клима-уредот, како и сопствено греење и вентилација!

А ако патувате, ќе ви треба и багажен простор. Во зависност од поставеноста на задните седишта, ќе имате на располагање меѓу 461 и 612 литри багажен простор, а преклопете ги целосно задните седишта и ќе имате на располагање дури 1678 литри.

И како е зад управувачот?

И по сето ова, како е зад управувачот на RX 500h? Од Lexus гордо кажуваат дека RX 500h е првиот RX кој го добива новиот Direct4 интелигентен систем за неприметно прилагодување на вртежниот моемнт кон сите четири тркала. Истовремено, добива и Dynamic Rear Steering систем за управување на задната оска, што дополнително ја подобрува респонзивноста. Добива и огромни, 400-милиметарски предни сопирачки и алуминиумски клешти со шест клипови за уверливо, моќно и стабилно сопирање.

И резултат на сето тоа е навистина динамичен, самоуверен SUV кој одлично игра две улоги – и улогата на комфорен, крстосувач, но и улогата на спортски SUV.

Бидете храбри, „ѕирнете“ го RX 500h.

И всушност, токму затоа кажуваме дека RX 500h е најдобро чуваната тајна на Lexus. Повеќето купувачи ќе го гледаат поконвенционалниот, хибриден RX 350h, а оние кои имаат каде да полнат најверојатно ќе го гледаат RX 450h+. Но нашата препорака е да бидете храбри и да го „ѕирнете“ и RX 500h. Најдобро чуваната тајна, верувајте ни.

Спецификации

 

Модел: Lexus RX 500h F Sport+
Мотор: 2.4-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Два електромотори
Моќност: 371 коњска сила / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 550 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 6.2 секунди
Максимална Брзина: 210 километри на час
Должина: 4890 mm
Ширина: 2210 mm
Висина: 1695 mm
Тежина: 2155 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2850 mm
Багажен Простор: 550 – ~1600 литри
Потрошувачка: 9 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Lexus RX 450h+ F Sport Design – 94.999 Евра
Цена на тестираниот модел: Lexus RX 500h F Sport+ – 110.999 Евра
Гаранција: 10 години / 185.000 километри

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.