Geely Cityray се натпреварува во супер-компетитивен сегмент, каде конкурентите доаѓаат од Европа, но и од далечниот исток. И прашањето кое намерно го поставуваме е – дали сегментот е подготвен?
Geely континуирано ја дополнува понудата на регионалниот, па и на нашиот пазар. Откако Atlas Pro замина во пензија, портфолиото ги вклучува урбаниот Coolray, големиот Starray и електричниот EX5, а од неодамна е достапен и новиот Cityray.
„Ах, уште еден SUV“ е најверојатно очекуван коментар. Но Cityray се натпреварува во супер-компетитивен сегмент, каде конкуренцијата е многубројна, докажана и моќна. Но дали сегментот е подготвен за опремата и моторот по таа цена, или таа цена за моторот и опремата?
Дизајн инспириран од големиот Starray.
Кај Cityray лесно се препознава дизајнерското влијание од големиот Starray. Но иако формата е навистина слична, сепак Cityray има свој идентитет – добиен највеќе преку комплексниот светлосен потпис на предниот дел и нагласените LED дневни светла. Истовремено, предниот дел е остар и динамичен, со нагласени геометриски форми и линии.
Профилот е (повторно) Starray-but-smaller. Растечката профилна линија во комбинација со црниот Ц-столб му дава интересен, комплексен карактер, а големите тркала убаво ги пополнуваат крилата. Океј, сè уште не сме фанови на двобојните тркала, но сепак признаваме дека му прилегаат на урбаниот дух на Cityray.
На задниот дел вниманието оди највеќе кон широкиот светлосен елемент со краци кои наликуваат на бумеранг. Задниот дел е комплексен, со прекршени линии и форми, и со (изненадувачки, во денешно време) четири вистински завршетоци на издувниот систем.
Како што рековме, лесно се препознаваат дизајнерските мотиви од Starray – но тоа воопшто не е критика. Напротив, гордиот и самоуверен лик на Starray е одлична основа за интерпретација и кај Cityray, а притоа се задржува конзистентен семеен дизајн.
Комфорна и просторна хај-тек кабина
А како е внатре? Па повторно, слично како кај Starray. А тоа значи темелна дигитализација и врвни современи технологии. Преведено, тоа значи дека кокпитот е базиран околу инструменти за возачот поставени на екран со дијагонала од 10.25 инчи и огромен, вертикално-поставен централен мултимедијален уред на екран од 13.2 инчи. Физички контроли скоро и да нема – скоро сè се контролира преку екранот.
И океј, признаваме дека тоа не е по сечиј вкус, но трендовите се такви какви што се. Вистината е дека оперативниот систем работи брзо и респонзивно, па и немаме некои посебни забелешки. Ќе забележиме дека за некои функционалности (нагодување на ретровизорите, отворање на панорамскиот кров, итн) треба да се „буричка“ низ неколку нивоа на интерфејсот, но откако ќе ги научите каде се – станува полесно.
Инаку, во кабината е навистина пријатно – седиштата се прилагодуваат во сите насоки и се навистина комфорни. Би сакале уште малку нагодување на управувачот по длабочина, но брзо и лесно се навикнавме на прилично комфорната и прегледна возачка позиција. На централниот гребен меѓу возачот и совозачот е и контролерот за менувачот, како и безжичниот полнач за мобилни телефони. Има и големо место за складирање ситници.
На задната клупа има изненадувачки многу простор, дури и повеќе од многу други конкуренти. Двајца патници ќе патуваат супер-комфорно, додека за тројца е малку тесничко. Од друга страна, и задните седишта се профилирани, има централен наслон, а во задниот дел од предниот централен наслон има и USB приклучок.
Багажникот е со капацитет од 571 литар, однсоно респектабилни 1271 литар со преклопени задни седишта. Кон багажникот се пристапува преку голема петта врата, а дното е на две нивоа, па самите можете да одберете што повеќе ви одговара.
Сè на сè – кабината на Cityray ги надминува очекувањата. Нивото на завршна обработка е на навистина завидно ниво, а повеќето материјали се фини, меки и квалитетни. Управувачот, седиштата и вратите се обвиени во еко-кожа која би требало лесно да го издржи тестот на времето.
174 коњски сили и автоматски менувач
Cityray се нуди само со еден мотор – а тоа е 1.5-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри, кој преку 7-брзински DCT менувач со двојна спојка кон предните тркала испорачува 174 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 290 Nm вртежен момент од 2000 до 3500 вртежи во минута. Не заостануваат ниту перформансите – 100 километри на час пристигнуваат за 7.9 секунди, додека максималната брзина е 190 километри на час. Бензинецот работи прилично мазно и рафинирано, а „пеналот“ на бензинска е околу 9 литри на 100 километри во градски услови.
Снаодлив во градот, комфорен на автопат.
А Cityray одлично се снаоѓа во градскиот метеж. Прегледноста е прилично добра, со исклучок на слепата точка поради широките Ц-столбови – но тоа се компензира со паркинг-камерата во висока резолуција. Изненадувачки, нема предна паркинг-камера.
Суспензијата на Cityray добро ги впива нерамнините од нашите улици, дури и на прилично големите 19-инчни тркала на нашиот тестен модел. Управувањето е директно и изненадувачки прецизно, а при подинамично возење лимитите лесно се препознаваат и контролираат. Да, ова е безбеден SUV и во моментите кога ќе ги надминете неговите можности, тежнее кон безбедно и предвидливо подуправување.
Но иако носи име кое сугерира дека се работи највеќе за градски автомобил, Cityray добро се снаоѓа и на автопат. Во Comfort режим, Cityray лесно го наоѓа своето темпо а и потрошувачката се намалува за литар-два. Ќе забележиме дека на повисоки брзини се јавува малку повеќе бучавост од ветрот – но тоа и не е неочекувано за SUV.
Ајде самите да си одговориме на прашањето…
И сега, ајде да одговориме на прашањето кое самите го поставивме – дали сегментот е подговен за Cityray? Со оглед на тоа дека нашите купувачи ги препознаа квалитетите на кинеските брендови и особено добро го прифатија Geely како бренд, и ако ги земеме предвид сите силни атрибути на Cityray – би рекле дека конкуренцијата во сегментот треба да биде вистински загрижена.
Спецификации
| Модел: | Geely Cityray 1.5 Turbo 174 DCT GF |
| Мотор: | 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
| Моќност: | 174 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 290 Nm / 2000 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
| 0-100 км/ч: | 7.9 секунди |
| Максимална Брзина: | 190 километри на час |
| Должина: | 4510 mm |
| Ширина: | 1865 mm (без странични ретровизори) |
| Висина: | 1650 mm |
| Тежина: | 1470 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2701 mm |
| Багажен Простор: | 571 – 1271 литри |
| Потрошувачка: | 9.2 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на основниот модел: | Geely Cityray 1.5 FWD 7DCT GK – 28.990 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | Geely Cityray 1.5 Turbo 174 DCT GF – 30.990 Евра. |
| Повеќе Информации: | Geely Македонија |


























































