Leapmotor ќе произведува автомобили во фабрика на Stellantis во Шпанија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Leapmotor ќе произведува автомобили во фабрика на Stellantis во Шпанија

Со цел да ги избегне увозните давачки во ЕУ, се очекува дека кинескиот производител Leapmotor ќе започне да произведува автомобили во фабрика на Stellantis во Сарагоса, Шпанија.

Leapmotor веќе има искуство со европско производство – малиот градски електричен Т03 од минатата година се произведува во Полска, но кинескиот производител сега има поголеми и посериозни амбиции.

А бидејќи Stellantis има прилично голем удел во Leapmotor, не сме воопшто изненадени дека глобалниот гигант му понуди постоечки производствен погон на својот кинески партнер. Според најавите, се очекува дека Leamotor ќе ја користи фабриката во Сарагоса, во Шпанија за локално да произведува B10 кој веќе се продава во Европа, но во моментов се увезува од Кина. Понатаму, се очекува дека и хечбекот со ознака B05 ќе се произведува во истата фабрика од почетокот на следната година.

Инаку, Leapmotor покажува навистина огромен раст. Всушност, минатата година беше навистина одлична за брендот – извозот на Leapmotor порасна четирикратно и од Кина беа извезени вкупно 67.052 автомобили. Истовремено, годишниот промет во Европа порасна скоро пет пати, на нешто над 710 милиони Евра.

Имајќи го сето ова предвид, соработката меѓу Stellantis и Leapmotor се покажува како навистина успешна и корисна. Од една страна, преку соработката со Stellantis, Leapmotor многу полесно се снаоѓа во европската бирократија и ги заобиколува огромните давачки, а Stellantis го користи присуството на Leapmotor на кинескиот пазар, но и остварува големи заштеди со користење на постоечки технологии на Leapmotor за побрз и поефикасен развој на нови електрични и електрифицирани возила.

Leapmotor би требало наскоро да започне со работа и во Македонија. ;)



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.