Најголемиот SUV во европската понуда на Hyundai никого не остава рамнодушен – но кога ќе погледнеме малку под површината ги гледаме неговите вистински квалитети.
Ни Hyundai веќе не е она што беше. Запомнете ја реченицава.
Првиот контакт со новиот Santa Fe го имавме пред повеќе од една година на неговата регионална презентација на Златибор во соседна Србија. И уште тогаш, големиот SUV на Hyundai ни остави силни впечатоци, и тоа не само визуелни, туку и многу, многу други.
Но како што обично бидува, ајде прво за визуелниот ефект. Кажуваме ефект, затоа што навистина – Santa Fe има свој ефект. При првиот контакт изненадува „коцкастата“ форма на големиот SUV, а дури потоа започнуваме да ги забележуваме деталите.
Santa Fe не се плаши од фактот дека е Голем SUV.
Она кое прво го забележуваме се чистите, вертикални површини и острите линии. Santa Fe не е SUV кој се плаши од своите димензии, ниту пак од фактот дека е голем SUV. На предниот дел вниманието прво оди кон дневните светла кои се во форма на латиничната буква H, а потоа истиот детал го препознаваме и на други места – во долниот дел од браникот, на пример.
Профилот е типичен two-box SUV, но со силни, самоуверени детали. Од големите, исфрлени крила (кои кај нашиот Calligraphy модел кријат огромни 20-инчни тркала во црна боја), преку лебдечкиот кров и големите кровни носачи. Всушност, би рекле дека кај Santa Fe ништо не е суптилно – напротив, сè е самоуверено и храбро.
Гледано од аспект на дизајнот, најконтроверзен најверојатно е задниот дел. Светлата се поставени ниско (плус повторно го забележуваме H-дизајнот), а на петтата врата гордо стои логото на Hyundai и со огромни букви стои името Santa Fe. Дали рековме дека ова не SUV кој се срами од она што е?
Сите технологии, бескомпромисен комфор, многу простор – дури и во третиот ред
Океј, а како е внатре? Дизајнерите и инженерите на Hyundai успеале да направат кабина која од една страна се чувствува скапа (па дури и премиум), а од друга страна е навистина комфорна и практична.
Првото кое мораме да го споменеме се одличните предни седишта кои се нагодуваат во сите насоки, а целото седиште се задвижува како да е едноделно. А тоа значи дека лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Сакате да бидете високо над сите? Нема проблем. Сакате да седите ниско? Може и тоа.
Плус, и двете предни седишта имаат дополнителен дел за потпирање на нозете, па седењето е како во навистина луксузна фотелја.
На арматурната табла е поставен огромен едноделен панел кој го сочинуваат два 12.3-инчни екрани. Едниот е пред возачот и на него се прикажуваат информациите околу возењето, додека на вториот се поставени инфозабавните функционалности и навигацијата.
Највисоко на централниот гребен се поставени контролите за клима уредот, како и контролите за греењето и вентилацијата на предните седишта. Дел од овие контроли се физички и лесни за користење, додека дел се дигитални – но сите се соодветно димензионирани и поставени така да бидат лесни за користење.
Под контролите за клима уредот е целата лепеза на USB-приклучоци, како и двата безжични полначи за мобилен телефон. Под полначите има слободен простор за складирање ситници, а има и огромен централен наслок во кој исто така има простор за оставање работи.
На вториот ред има простор како во… Луксузна лимузина. Патниците во вториот ред ќе имаат повеќе од доволно простор за нозете и за главите, а добиваат и држачи за чаши и USB приклучоци.
Но она што е особено импресивно е дека дури и патниците во третиот ред имаат доволно простор. Океј, овој простор е повеќе наменет за деца, но дури и тие добиваат свои отвори за вентилација и USB приклучоци.
Сакате багажен простор? Доколку третиот ред не е во функција, тогаш имате на располагање 628 литри. Преклопете го и вториот ред и добивате скоро 2000 литри капацитет. За жал од Hyundai не кажуваат колкав е капацитетот кога и третиот ред седишта е во функција.
Моќен хибриден погон
Новиот Santa Fe е достапен со хибриден или плаг-ин хибриден погон. Под предниот поклопец на нашиот тестен модел се најде првата опција, односно хибридниот погон кој комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец со батерија со капацитет од 1.5 kWh и електромотор. Турбо-бензинецот испорачува 160 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 265 Nm од 1500 до 3000 вртежи во минута, а со него соработува електромоторот кој самиот испорачува 65 коњски сили.
Вкупната, системска моќност е респектабилни 215 коњски сили и 367 Nm вртежен момент. На хартија, Santa Fe Hybrid забрзува до 100 километри на час за 9.8 секунди и достигнува максимални 180 километри на час. Во вистинскиот свет, перформансите се многу поуверливи – благодарение на дополнитениот вртежен момент од електромоторот, големиот SUV забрзува неуморно и линеарно во скоро било какви услови.
Во комфорен режим забрзувањето е мазно, со силен фокус кон рафинираноста, додека во поспортски режим погонот го менува својот карактер и многу поексплозивно ја испорачува силата. Сепак, комфорното возење многу повеќе му прилега на Santa Fe, а тоа позитивно влијае и на потрошувачката. Бидете внимателни и Santa Fe троши околу меѓу 7 и 8 литри на 100 километри во градски услови!
И покрај димензиите, Santa Fe е лесен за возење
Добро, а како се снаоѓа Santa Fe во град? Вистината е дека и покрај димензиите, благодарение на сите камери и сензори кои веќе ги очекуваме кај ваквите автомобили, движењето и паркирањето е лесно. Секако, треба да имате предвид дека Santa Fe е поголем од просечниот автомобил и дека можеби и нема да го собере во секое паркинг-место, но дури и во најголемиот градски метеж не забележавме некаков проблем.
Плус, Santa Fe „вози“ како SUV од бренд со многу, многу поскапа значка. И покрај тоа што суспензијата е пасивна, па дури и покрај огромните 20-инчни тркала Santa Fe одлично ги филтрира нерамнините. Само големи дупки и навистина остри нерамнини пренесуваат некакви мали вибрации во кабината, но во сите други услови – Santa Fe вози суверено и незагрижено по скоро секаква подлога.
Управувањето е лесно, но прецизно. Исто како и погонот, и управувањето најдобро се пронаоѓа во опуштено возење, но сепак Santa Fe влегува од свиок во свиок без никаква драма.
Истовремено, Santa Fe е на свое и на отворен пат. Дури и при силно забрзување, во кабината не се пренесува скоро никаква бучава и се препознава дека инженерите работеле и на звучната изолација. Тоа се должи делумно и на изненадувачката аеродинамика – и покрај формата на Мала Викендичка, Santa Fe има коефициент на отпор на воздухот од само 0.296 Cd – импресивно за SUV со толку вертикална предна површина.
Santa Fe не игра по туѓи правила, туку наметнува свои
И добро, што значи сето ова? Па… Santa Fe веќе не игра по туѓи правила, туку наметнува свои. Големиот SUV на Hyundai и порано беше уверлив избор за оние кои ги препознаваа неговите квалитети, но истовремено беше и малку анонимен. Новиот Santa Fe настапува екстровертно и самоуверено – комбинацијата на врвни современи технологии, многу опрема, многу простор и храбар, забележлив дизајн всушност наметнуваат еден сосем нов пристап во сегментот. Hyundai покажува дека не треба да се прават компромиси.
Како што рековме – ни Hyundai веќе не е она што беше.
Спецификации
| Модел: | Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid 4WD Calligraphy |
| Мотор: | 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри, електромотор + батерија |
| Моќност: | 215 коњски сили / 5500 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 367 Nm / 1500 – 3000 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски, 6 брзини |
| 0-100 км/ч: | 9.8 секунди |
| Максимална Брзина: | 180 километри на час |
| Должина: | 4830 mm |
| Ширина: | 2206 mm (со странични ретровизори) |
| Висина: | 1770 mm |
| Тежина: | 1965 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2815 mm |
| Багажен Простор: | 628 – 1649 литри |
| Потрошувачка: | 8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на основниот модел: | Hyundai Santa Fe 1.6 T-GDI Hybrid GLS 5S Ultimate – 69.500 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | Hyundai Santa Fe 1.6 T-GDI Hybrid GLS 7S Calligraphy – 73.900 Евра |
| Гаранција | 5+2 Години, неограпничен број на километри |
| Повеќе Информации: | Hyundai Македонија |




































































