ТЕСТ: Skywell BE11 LUXURY Plus Long Range – Изненадувачки ефикасен електричен SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Skywell BE11 LUXURY Plus Long Range – Изненадувачки ефикасен електричен SUV

Skywell не е премногу познато име на нашиот пазар, но неговиот BE11 успеа да нè изненади со неговиот ефикасен електричен погон и импресивната автономија.

Како да не престанува да се зголемува листата на производители кои на македонскиот пазар пристигнуваат од далечниот исток. И немојте да нè разберете погрешно – не се жалиме! Баш напротив, сметаме дека секој нов бренд е добредојден и интересен и дека секој има свој дел под небото.

Skywell?

Да, денес ќе зборуваме за Skywell. Кинескиот бренд е дел од нашиот пазар околу една година и веќе забележуваме возила кои се движат по нашите улици, но што всушност е Skywell? Брендот постои од 2017 и е дел од комплексна структура на кинески технолошки гиганти, но има една јасна амбиција – глобална експанзија и присуство на што е можно повеќе пазари.

И токму следејќи ги тие амбиции, Skywell присутен и во Македонија – и тоа преку име кое нешто значи на нашиот пазар – Аутомакедонија. А кога домашна компанија како Аутомакедонија стои позади некој бренд на нашиот пазар, тоа зборува многу за сериозноста на производителот и неговите продукти.

Ненаметлив, достоинствен SUV.

И сега веќе можеме да зборуваме за BE11. На прв контакт, BE11 изгледа резервирано и ненаметливо. И ако сме искрени – тоа и ни се допаѓа. BE11 не се обидува да го привлече вниманието со некаков прекомплициран екстровертен дизајн или пак некакви пренагласени дизајерски елементи, туку едноставно како да кажува – јас сум електричен SUV, и се гордеам со тоа.

На предниот дел вниманието оди највеќе кон широките, хоризонтално-поставени светла и интересните елементи во нив. Комплексната конфигурација на светлосните елементи и дневните светла им даваат доза на скапоценост која е во директен контраст со инаку едноставниот преден дел.

Профилот е типичен за таканаречен „two-box SUV“. Сепак, острата карактерна линија во која се интегрирани рачките од вратите и извајаната форма на вратите му даваат на профилот подинамичен карактер, а би рекле и дека големите тркала одлично ги пополнуваат крилата.

На задниот дел вниманието веднаш оди кон широкиот едноделен светлосен елемент и светлата за магла кои се интегрирани во страниците од задниот браник. Ваквата конфигурација е навистина несекојдневна и прават BE11 да изгледа некако.. Вонземно! Во хоризонталниот светлосен елемент е интегрирана и осветлената ознака SKYWELL која гордо кажува за кој бренд се работи.

Многу простор, сите технологии кои ги очекуваме.

Океј, а како е внатре? Во кабината забележуваме интересна комбинација на „старошколски“ пристап кон луксузот и современи, напредни технологии. На прв контакт, декоративни елементи обложени во имитација на дрво се во директен контраст со модерните технологии, но од друга страна на кабината и даваат одреден шарм кој како да го снема кога во кабините на автомобилите почнаа да доминираат разно-разни пластики и други модерни материјали. Некои од пластиките се цврсти, а ќе забележиме и на површините покриени со пијано-црн финиш кој привлекува и прашина и отпечатоци од прсти.

Пред возачот е поставен конвенционален „тунел“ со инструменти а не само едноставно „закачен“ екран. На него се прикажуваат најважните информации околу возењето, а сите детали се јасни, прегледни и лесно-разбирливи. На средината на централната конзола е поставен (веќе очекуваниот) голем (во овој случај 12.8-инчен) екран за инфозабавниот систем преку кој се контролираат повеќето функции во автомобилот. Софтверот генерално работи задоволувачки брзо.

Да, има свои мали нелогичности – на пример, на секое стартување на автомобилот инсистира да е исклучена музиката, од каде и да доаѓа – но тоа сме го забележале кај неколку различни кинески автомобили. Но во суштина, немаме забелешка на технолошката понуда – тука се сите очекувани системи за асистенција при маневрирање и паркирање, брдо камери и сензори и сите други системи кои очекуваме еден современ автомобил да ги има.

Плус, системот лесно се поврзува со мобилен телефон, има Android Auto и Apple CarPlay поврзување, а неочекувано и добро изненадување беше аудио-уредот од Meridian – знаете, оние кои обично работат со Jaguar и Land Rover.

А има и нешто друго што е многу важно – а тоа е многу, многу простор. Океј, ќе бидеме искрени дека малку нè изненади изборот на боја за седиштата во ентериерот, но од друга страна се покажаа како прилично комфорни и лесно најдовме добра возачка позиција. Има многу (ама многу!) простор и на задната клупа.

Низ кабината има и многу места за складирање ситници, а багажникот е со капацитет од 467 литри, односно 1141 литар кога ќе ги преклопиме и задните седишта. До самиот багажен простор се пристапува преку голема петта врата и правилен отвор, па лесно ќе се внесат и поголеми предмети доколку е потребно.

Ефикасен погон, близу 500 километри со едно полнење

Добро, и ајде сега да зборуваме за погонот. Го пофаливме дека е ефикасен, но што тоа значи? Основата е голема батерија со капацитет од 86 kW која е вградена во подот. Батеријата храни електромотор кој испорачува 204 коњски сили и 320 Nm којн предните тркала, а сета таа комбинација е прилично уверлива. Забрзувањето до 100 километри на час на хартија трае 9.6 секунди, но во вистински услови на возење BE11 го има оној инстантен, линеарен и моќен начин на испорака на сила кој е карактеристичен за електричните возила. Максималната брзина е ограничена на 150 километри на час.

Но што е со автономијата? Официјалните мерења од WLTP зборуваат за автономија до 490 километри, што и не е далеку од вистината. За време на неколкудневното тестирање на BE11 системот прикажа потрошувачка на електрична енергија од околу 18 kWh на 100 километри, што всушност укажува кон автономија до околу 470 километри. И тоа не возевме само низ град, каде се троши помалку струја – туку и на отворено. Импресивна ефикасност, особено за голем SUV.

BE11 се полни со 11 kW на AC полнач, односно со 80 kW на DC полнач. Во превод, тоа значи дека полнење на AC полнач од 20 до 70% трае околу 5 часа, додека на DC полнач истото се постигнува за околу 40 минути, односно целата батерија би се наполнила за околу час и половина. Во ред, некои од конкурентите се полнат и значително побрзо, но со оглед на автономијата, би рекле дека и не е толку лошо.

Без спортски претензии, комфорот на прво место

А зад управувачот? Па очигледно е дека BE11 е развиен со комфорот како водечка идеја. Едноставно, не барајте спортски карактеристики од него и третирајте го како комфорен SUV – и сè ќе биде во ред. Суспензијата е мека и прилично добро ги филтрира нерамнините од нашите улици, а управувањето е калибрирано да биде супер-лесно и управувачот да може да се врти и „со мал прст“. Во свиоци BE11 тежнее кон безбедно подуправување и кога ќе претерате се забележува и понагласено навалување – па затоа, тејк ит изи и уживајте во комфорот, тишината и опремата.

Ако ова е првиот европски автомобил на Skywell, што е следно?

И каков е заклучокот? BE11 импресионира со ефикасниот погон и богатата опрема. Од друга страна, јасно е ориентиран кон комфор и избегнува било какви спортски претензии. По сето ова, се наметнува интересен заклучок – Skywell има сериозни амбиции и ако сето ова го нуди првиот автомобил кој нудат во Европа, тогаш едвај чекаме да видиме што ќе понудат во иднина.

Спецификации

Модел: Skywell BE11 LUXURY Plus Long Range
Погон: Еден електромотор, батерија 86kWh, пренос кон предните тркала
Моќност: 204 коњски сили
Вртежен Момент: 320 Nm
Менувач: Автоматски, директен
0-100 км/ч: 9.6 секунди
Максимална Брзина: 150 километри на час
Должина: 4720 mm
Ширина: 1908 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1696 mm
Тежина: 1930 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2800 mm
Багажен Простор: 467 литри
Автономија: 480 километри според WLTP (комбинирано)
440 километри (измерени)
Цена на тестираниот модел: 39.900 Евра
Повеќе Информации: Skywell Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.