Новиот Mercedes-Benz CLA е Европски Автомобил на Годината за 2026! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Mercedes-Benz CLA е Европски Автомобил на Годината за 2026!

Членовите на жирото кое го одбира Европскиот Автомобил на Годината го направија својот избор – носител на титулата за 2026 е новиот Mercedes-Benz CLA.

Титулата Европски Автомобил на Годината се доделува по 63-ти пат, а оваа година го означува враќањето на премиум бренд на самиот врв.

Новиот CLA имаше интересна конкуренција – за титулата се бореше со новиот Citroën C5 Aircross, големиот Dacia Bigster, супер-шармантната Fiat Grande Panda, новиот Kia EV4, ретро-футуристичкиот Renault 4 и напредниот Škoda Elroq. Еклектична комбинација на автомобили која истовремено успева да опфати грст различни сегменти, но и да го истакне најдоброто кај сите од нив. Истовремено, сите нудат и електрифицирана изведба, или пак се нудат и како 100% електрични модели.

Инаку, ова е втора победа на Mercedes-Benz – претходната беше со 450 SE/SEL, пред 52 години.

CLA ја освои титулата со 320 поени, со убедливо водство пред Škoda Elroq кој освои 220 поени. Веднаш зад него се најде Kia EV4 со 208 поени, додека на четвртото место со само еден поен помалку е Citroën C5 Aircross. На петтото место е Fiat Grande Panda со рамно 200 поени, на шесттото место е Dacia Bigster со 170 поени и Renault 4 ја заокружува листата со 150 поени.

Интересно е да се види како гласале членовите на жирито – на прво место CLA го ставиле 22 членови, додека за Citroen C5 Aircross гласале 15 новинари кои се членови на жирито. На третото место е Fiat Grande Panda со 9 први места.

Честитки CLA!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.