Кабината на новиот ID. Polo е всушност директен резултат од фидбекот кој германскиот гигант го доби од купувачите и автомобилските новинари – и директно ја претставува иднината на кабините на Volkswagen.
Volkswagen се подготвува и официјално да го претстави ID. Polo во текот на оваа година и веќе знаеме дека (во Европа) основниот модел ќе чини помалку од 25.000 Евра. Моделот беше најавен со концептот ID.2all и токму со овој концепт беше најавен новиот пристап на Volkswagen кон електричните возила. ID.2all стана ID. Polo, а Volkswagen го прифати фидбекот од купувачите и автомобилските новинари и одлучи да направи чекор назад за да направи пет чекори напред.
Пред возачот е поставен 10.25-инчен дигитален дисплеј наменет за информациите околу возењето. Има и супер-фраерски Retro режим на работа кој оддава почит на Polo и Golf „од времето“. Забележуваме аналоген приказ, ретро-инспирирани детали и многу, многу интересни елементи. На средината на арматурната табла е 13-инчен хоризонтално-поставен дисплеј за инфозабавниот уред, но веќе ги нема лизгачките контроли за клима-уредот и аудио системот. Наместо лизгачките контроли, добиваме физички контроли за клима-уредот и уште неколку функционалности, а под него има „тркалце“ за аудио системот.
Интересно, ретро-приказот е достапен и на централниот дисплеј, па забележуваме аудио-касети (За оние родени по 2000-тата година, аудио касети се пластични „кутичиња“ и во нив има магнетна лента на која беше снимана музика. Кој не премотувал аудио касета со моливче нека ги праша родителите или постарите браќа или сестри за тоа.) и слични елементи. Одлично!
ID. Polo добива и редизајниран управувач на кој се поставени физички копчиња. Контролите за системите за асистенција се на левата страна, контролите за инфозабавниот уред се на десната страна. Од Volkswagen напоменуваат дека многу внимание е посветено и на материјалите во кабината и квалитетот на завршната обработка. Многу од површините се покриени со мек материјал, а текстилот употребен во кабината е добиен од рециклирани материјали.
Истовремено, благодарение на предниот погон и батериите поставени во подот, ID. Polo има многу простор во кабианта, но и огромен багажник – од Volkswagen најавуваат багажник со капацитет од околу 430 литри!
ID. Polo треба официјално да биде претставен до крајот на годината.













