Македонската полиција денес официјално го збогати својот нов возен парк со 120 нови возила Peugeot 408.
Министерството за внатрешни работи денес промовираше 120 нови службени возила, наменети за потребите на македонската полиција и кажуваат дека се „дел од континуираните напори за унапредување на материјално-техничките капацитети на Министерството за внатрешни работи“.
Возилата се Peugeot 408, опремени со 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 215 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Забрзуваат до 100 километри на час за 7.9 секунди и достигнуваат максимални 215 километри на час. Секако, веќе се означени и опремени со сета потребна опрема.
„Возилата во рамките на својата техничка опрема ги имаат сите современи технолошки карактеристики да одговорат на сите предизвици како и секојa друга полиција во светот. Во сите возила ќе бидат инсталирани оние најсовремени Тетра системи со потребни информации за полициските службеници на лице место ги извршат сите оние потребни проверки на евиденција, сите оние анализи на податоци коишто ги имаме во министерството, анализи на прекршочни евиденции и сето останато кое што е потребно за истите да бидат ефикасни во рамки на своето работење и да одговорат на сите оние предизвици со опрема, информација и технологија, каква што има секој една друга европска држава. “ – изјави министерот Тошковски.
На припадниците на македонската полиција им посакуваме многу безгрижни километри. ;)















