ПРЕМИЕРА: Со 1156 коњски сили, новиот Porsche Cayenne Electric е подготвен да ја помести планетата – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Со 1156 коњски сили, новиот Porsche Cayenne Electric е подготвен да ја помести планетата

Новиот Cayenne Electric ветува дека наместо да се движи по планетата Земја, ќе ја задвижува планетата под своите тркала.

Здраво Cayenne Electric. Новиот знаменосец на електричната SUV гама на Porsche е поставен на ревидирана верзија на PPE архитектурата која веќе се користи за Macan, но зголемена и доработена за да ги издржи перформансите кои ги носи. А перформансите се… Запрепастувачки, особено за SUV.

На самиот старт, Porsche лансира две верзии – Cayenne Electric и моќниот Cayenne Turbo Electric. „Основниот“ Cayenne Electric добива „само“ 408 коњски сили, односно 441 при Launch Control, но и 834 Nm вртежен момент, кои му овозможуваат на големиот SUV да забрза до 100 километри на час за само 4.5 секунди и да достигне максимални 230 километри на час.

Но кога ќе започнеме да зборуваме за Cayenne Turbo Electric, работите веќе стануваат посериозни. Двата електромотори испорачуваат вкупно 857 коњски сили во нормнални услови, но со Push To Pass се ослободуваат дополнителни 176 коњски сили кои се достапни 10 секунди. А работите стануваат страшни при Launch Control, кога Cayenne Turbo Electric има на располагање 1156 коњски сили и 1500 Nm вртежен момент. И? Што и? 2.5 секунди до 100 километри на час и максимални 260 километри на час.

Основата за двете верзии е огромна батерија со капацитет од 113 kWh, a 800-волтната архитектура овозможува побрзо полнење, но и подобро ладење. Во идеални услови, Cayenne Electric може да се полни со максимални 400 kW, додека полнењет од 10 до 80% трае околу 15 минути. Достапно е и безжично полнење преку панел кој се поставува на земја и кој е наменет за полнење во домашни услови. Овој „гајтанлес“ полнач овозможува полнење со максимални 11 kW.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Porsche Macan GTS е електричен SUV за оние кои уживаат во возењето

Дизајнерски, новиот Cayenne Electric влече директна инспирација од бензинскиот Cayenne, но препознаваме и дизајнерски решенија кои се инспирирани од Macan Electric, а се водени од аеродинамиката. Предниот поклопец е понизок, светлата се тенки и остри, вратите се без рамки а профилот е агресивен и самоуверен. На задниот дел вниманието оди највеќе кон едноделниот светлосен елемент со нагласен 3D- приказ, а Cayenne Turbo Electric добива и детали во специјалната Turbonite боја. Коефициентот на отпор е само 0.25 – импресивно за SUV. Секако, кон ова придонесува и системот за активна аеродинамика.

Кабината е дигитален технолошки шоукејс. Купувачите добиваат многу, многу опрема, но точката на фокус е новиот Flow Display кој е всушност базиран на два огромни OLED екрани наменети за возачот и централната конзола, а достапен е и трет екран наменет за совозачот. Има и огромен, 87-инчен хед-ап дисплеј, дигитален асистент воден од AI, и многу, многу, многу-многу повеќе.

Секако, Porsche не се откажува од бензинскиот Cayenne. Всушност, гордо кажуваат дека Cayenne Electric е логичен следен чекор во проширувањето на понудата, но и дека ќе продолжат да работат на бензинските и хибридни пoгони кои веќе се нудат.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.