Peugeot пред само неколку моменти го претстави концептот Polygon, преку кој со Hypersquare управувачот „одново го измислува тркалото“!
Polygon е интересен, мулти-димензионален концепт кој директно ја најавува иднинат на францускиот бренд. Како тоа? Па Polygon е агилен, забавен и подготвен за иднината. Агилноста е демонстрирана преку силен фокус кон уживањето во возењето и Hypersquare управувачот кој користи Steer-by-Wire и нема механичка врска меѓу управувачот и тркалата. Истовремено, забавен е преку безмалку неограничените можности за персонализација. Конечно, Polygon е подготвен за иднината – користи рециклирани материјали, заменливи компоненти и нови, ефикасни методи за производство.
Всушност, од Peugeot кажуваат дека Polygon не е сон, туку е динамичен компактен автомобил кој ја најавува иднината на брендот. И ако ја разгледаме формата, ќе забележиме форми кои асоцираат на легендарниот 205 и ненадминатиот 206, но истовремено цврсто гледаат кон иднината. Додаваат и дека Hypersquare управувачот ќе стигне во сериските модели веќе во 2027.
Hypersquare управувањето директно се прилагодува кон брзината. На ниски брзини – при маневрирање и паркирање – Hypersquare овозможува брзо и лесни маневри. При повисоки брзини, мали корекции се доволни за прилагодување на траекторијата на Polygon.
Со Hypersquare дебитира и најновата генерација на Peugeot i-Cockpit. Архитектурата е целосно редизајнирана и нема конвенционални инструменти – туку сè е проектирано на интерактивното ветробранско стакло.
И секако, Polygon можете да го персонализирате. Многу од компонентите се отворени кон процесот – па можете да го персонализирате упраувувачот, но и седиштата, кабината, дури и пневматиците кои се развиени во соработка со Goodyear и овозомжуваат персонализација преку ласерско гравирање, а достапни се и различни бои.
Но особено интересно ни е дека Polygon е концептен автомобил кој всушност доаѓа во неколку различни верзии. Верзијата Urban е фраерска, компактна и бескомпромисно стилска. Urban е замислен да биде комплементарен на урбаниот живот. Понатаму, Player е спортски, храбар и динамичен, и директно инспириран од перформансите. Како што кажуваат од Peugeot – направен да изгледа брзо, дури и кога стои. Конечно, тука е Explorer – робустен, наменски и подготвен за авантури.
Ако е ова најавата за иднината на Peugeot (а по гласините кои ги слушаме, токму Polygon е најава за идната 208-ка), тогаш иднината на Peugeot ветува дека ќе биде навистина интересна.

























