Откако пред некој ден протекоа фотографии и информации за новото електрично Twingo, сега ги имаме сите детали – и тоа официјално!
Пред некој ден го видовме новото Twingo пред да требаше да го видиме. Сега веќе ги имаме сите официјални детали. И океј, ова треба веднаш да се каже – малите автомобили се враќаат на сцената! Откако индустријата и купувачите како да ги (под)заборавија, изминатиов период како да гледаме ренесанса на малиот автомобил – и токму новото Twingo е еден таков мал автомобил. И светот е поубав поради тоа.
Twingo е поставено на AmpR Small платформата на Renault (која веќе се користи за Renault 4, Renault 5 и новата Nissan Micra), но со една многу важна разлика – наместо голема (и скапа) батерија, Twingo E-Tech добива мала LFP батерија со капацитет од 27.5 kWh – што пак директно придонесува кон пониската цена и всушност се концентрира на урбаниот карактер на Twingo. Од Renault кажуваат дека батеријата ќе овозможи автономија (според WLTP, секако) до 262 километри во урбани услови.
Во предниот дел на Twingo E-Tech е поставен електромотор кој испорачува 82 коњски сили и 175 Nm вртежен момент. Перформанси? Па би рекле дека со оглед на намената на Twingo E-Tech дека тие се (помалку или повеќе) неважни, но 100 километри на час пристигнуваат за 12.1 секунда. Максималната брзина? Хм…
Но вистинската магија на Twingo секогаш била во кабината, односно изненадувачкиот простор кој францускиот автомобил го нудел со оглед на димензиите. И повторно е така – Twingo е долг 3790 милиметри, но има меѓуоскино растојание од 2490 милиметри и од Renault тврдат дека нуди сосем доволно простор за возрасни патници и дека нуди просторност како конкуренти кои се една класа поголеми.
Океј, ќе мораме да се увериме. Она што е практично е дека задните седишта се поместуваат индивидуално и ако се турнати скроз нанапред (кога треба да пренесувате патници на задната клупа кои немаат нозе), тогаш имате на располагање багажник со капацитет од одлични 360 литри!
Дали е ова новиот електричен градски хит? Па, со оглед на тоа дека во моментов нема вистински конкуренти (особено не за цената која не би требало да надмине 20.000 Евра)…
























