По македонските социјални медиуми се шири една шега дека Sportage е омилениот автомобил меѓу програмерите. И како што кажуваат, во секоја шега има барем мал дел вистина, па ајде да зборуваме малку за тоа.
„Каде работиш? Па, програмер сум во Тек Солушнс. Ааа, а која боја ти е Sportage-от?“ е веќе позната шега. Приказната дека Sportage е омиленото возило меѓу вработените во IT индустријата не е нова. Всушност, муабетите „се вртат“ по социјалните медиуми веќе неколку години. И во обид да дојдеме до изворот (или пак до вистината), со задоволство седнавме зад управувачот на неодамна-освежениот Sportage.
Внимателни, прогресивни визуелни измени
Да, Kia подготви прилично темелен фејслифт за својот најпопуларен и најпродаван автомобил. Визуелните измени се концентрирани околу предниот дел кој добива светла и светлосен потпис инспирирани од поголемите модели на брендот (кој Kia го нарекува LED Star Map).
Истовремено добива и редизајнирани браници, поголеми тркала и грст визуелни корекции кои навистина го освежуваат Sportage и не дозволуваат ниту за момент да изгледа застарено. Напротив – Sportage изгледа помодерно од било кога.
Всушност, би рекле дека визуелните измени на Sportage се одмерени, внимателни и прогресивни – но истовремено држат чекор со тековните трендови, а со оглед на популарноста на моделот, дури можеби и ќе постават некои нови.
Особено ни се допаѓаат поагресивните, спортски браници на Sportage GT-Line кои додаваат една доза на спортска динамичност и ја комплетираат визуелната приказна.
Значително попремиум кабина
Одиме внатре, и тука можеби се забележува најголемиот технолошки исчекор. Sportage добива редизајниран управувач (кој е инспириран од електричниот EV9), нови супер-комфорни седишта и редизајниран инфозабавен систем (кој сега доаѓа со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување). Самиот инфозабавен систем е прилично лесен за користење и функционалностите се онаму каде очекувате да бидат. Ќе го пофалиме и Harmann Kardon аудио уредот.
Но инженерите и дизајнерите на Kia одлучикле да поработат малку на поставеноста на елементите во кабината, па сега отворите за клима-уредот се спуштени под инфозабавниот систем, а на централната конзола под нив се поставени контролите кои на допир се менуваат меѓу контроли за клима-уредот и инфозабавниот систем. На прво користење знае да биде малку конфузно, па наместо да го намалите радиото ќе ја намалите температурата на клима-уредот, но брзо се навикнавме.
На наша огромна радост, пијано-црната пластика на централниот гребен меѓу возачот и совозачот е заменета со мат црна пластика која изгледа бесконечно подобро и попремиум. Плус не привлекува толку многу отпечатоци од прсти. Паметна одлука!
На истиот централен гребен е поставен кружниот селектор за автоматскиот менувач, а тука се и старт копчето, како и контролите за греењето и вентилацијата на предните седишта и уште неколку контроли. Не сме најголеми фанови на кружниот селектор за преносот, но ќе признаеме дека сите контроли се близу на дофат и лесни за користење.
Инаку, нашиот тестен модел дојде во врвното GT-Line ниво на опрема, а тоа значи дека добива помалку или повеќе сè што Kia нуди. Повторно ќе ги истакнеме седиштата кои не само што се комфорни, туку нудат и прилично добра странична поддршка. Плус има многу опрема, има дури и камери во страничните ретровизори кои се вклучуваат кога ќе вклучите лев или денес трепкач и покажуваат каде точно се движи тркалото од таа страна – одлично за да избегнете високи рабници или тротоари при маневрирање и паркирање.
Секако, повеќе од комфорно е и на задната клупа. Покрај тоа што може да се прилагоди аголот на наслонот, има и централен потпирач за раце, а и се дели по потреба. На задната клупа има навистина многу простор, дури и за повисоки патници, па навистина немаме никаква забелешка.
Немаме забелешка ниту на багажниот простор. Багажникот е достапен преку огромна петта врата и е со капациет од 591 литар со исправени задни седишта, односно дури 1780 кога се спуштени. Багажникот е со истиот капацитет без разлика на погонската опција.
Турбо-бензинец, автоматски менувач, погон на сите четири тркала.
И сега можеме да зборуваме малку и за погонот. Нашиот тестен модел дојде со 1.6-литарскиот T-GDI турбо-бензинец кој веќе добро го познаваме. Во оваа конфигурација испорачува 180 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент од 1500 па сè до 4000 вртежи во минута. Примарно е со погон на предните тркала а по потреба може да испрати дел од моќта кон задните тркала. Сето ова – според официјалните податоци – овозможува забрзување до 100 километри на час за 9.8 секунди и максимална брзина од респектабилни 203 километри на час.
Кога сме кај официјалните податоци – тие зборуваат за просечна потрошувачка од 8 литри на 100 километри. Ние не успеавме да бидеме толку ефикасни и измеривме околу 10 литри на 100 изминати километри – но со оглед на погонот и перформансите, тоа е навистина респектабилна бројка.
Во нормален режим на работа, турбо-бензинецот е очигледно понаклонет кон ефикасност и посмирено возење. Притискањето на десната педала е малку „угушено“ за да се добие што е можно пониска потрошувачка, а и менувачот е калибриран да „брка“ повисоки степени на пренос. Се забележува мало колебање во одредени ситуации, кога менувачот сака да ја извлече максималната ефикасност од погонот. Но со префрлање во Sport режим на возење, Sportage го буди својот вистински дух – секое притискање на педалата за гас е пореспонзивно и Sportage ги испорачува своите перформанси поуверливо и подинамично. Управувањето добива на тежина, а тоа пак придонесува и кон попрецизно управување.
Прецизно управување и јасен фокус кон комфор и рафинираност
Од свиок во свиок, се забележуваат и спортскиот аспект од кратенката SUV. Во ред, секако дека постојат граници, но во повеќето случаи, Sportage се однесува неутрално со мала наклонетост кон подуправување кога ќе претерате. Но во тие моменти префрла дел од силата кон задниот дел, што пак ја враќа каросеријата кон саканата траекторија.
Но всушност, Sportage сака да биде возен опуштено за да го извади максимумот од рафинираната платформа. Комфорот е неприкосновен, дури и на релативно големите тркала. Да, некои нерамнини се пренесуваат во кабината, но да бидеме искрени – не ни можеме да очекуваме нешто поинаку со оглед на нашите патишта. На повисоки, автопатски брзини во кабината е прилично тивко и станува побучно само кога „дебело“ ќе ги надминете дозволените граници. Од каде знаеме? Па возевме низ Мексико, очигледно.
И сега, зошто е Sportage толку популарен меѓу IT професионалците?
И сега, по сето ова, да се навратиме на првиот муабет – оној за Sportage и програмерите. Зошто е всушност Sportage толку популарен меѓу IT професионалците? Па, најверојатно бидејќи и сега (исто како и порано) нуди навистина многу за вложеното, а сакаме да мислиме дека IT професионалците се внимателни, рационални луѓе. Плус, SUV моделите се тренди. И кога ќе го ставиме сето тоа на купче, не е толку тешко да се разбере сето тоа. Како што рековме, во секоја шега има барем малку вистина, а Sportage заслужува да биде онаму каде е. А вистината е дека Sportage е бенчмаркот со кој се споредуваат сите други модели во сегментот.
Спецификации
| Модел: | KIA Sportage 1.6 T-GDI DCT7 AWD GT-Line |
| Мотор: | 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
| Моќност: | 180 коњски сили / 6000 вртежи во минута |
| Вртежен Момент: | 265 Nm / 1500 – 4000 вртежи во минута |
| Менувач: | Автоматски со двојна спојка, 7 брзини |
| Забрзување 0-100 км/ч: | 9.8 секунди |
| Максимална Брзина: | 203 километри на час |
| Должина: | 4540 mm |
| Ширина: | 1865 mm (без странични ретровизори) |
| Висина: | 1650 mm |
| Тежина: | 1652 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2680 mm |
| Багажен Простор: | 591 – 1780 литри |
| Потрошувачка: | 10 литри на 100 километри (измерена, градска) |
| Цена на основниот модел: | Kia Sportage 1.6 T-GDI 150 MT6 FWD Concept – 30.300 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | KIA Sportage 1.6 T-GDI 180 DCT7 AWD GT-Line – 42.900 Евра |
| Гаранција | 7 Години |
| Повеќе Информации: | Kia.mk |























































