ТЕСТ: Citroën C4 1.2 Puretech 130 EAT8 Plus – Кога нешто функционира… – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C4 1.2 Puretech 130 EAT8 Plus – Кога нешто функционира…

И пред неговото освежување, Citroën C4 беше еден од најкомфорните автомобили на пазарот – па со оглед на тоа, инженерите и дизајнерите одлучиле дека добрата формула нема потреба многу-многу да се менува. Да зборуваме за освежениот C4.

Кога на почетокот на годинава отидовме во Шпанија да го возиме освежениот C4 (и C4 X, секако), впечатоците кои ни ги остави францускиот кросовер-хечбек беа позитивни, но чувството беше дека не премногу е сменето. И би додале – тоа е Добра Работа. Во автомобилски свет во кој сите „бркаат“ некаков спортски кредибилитет, Citroën се концентрира на она што е навистина важно и нешто кое секојдневно го цениме – а тоа е комфорот.

И најверојатно токму затоа, инженерите и дизајнерите на францускиот бренд (правилно) одлучиле дека нема некоја потреба од огромни промени, туку дека може со внимателни и одмерени потези да се доусоврши она што е веќе навистина многу, многу добро.

C4 изгледа како да не е од оваа планета

Како што кажавме кога за прв пат го видовме C4 во Шпанија – изгледа како да не е од оваа планета. Главните естетски корекции се направени на предниот и задниот дел – предниот дел добива похрабри „искршени“ линии и форми и светла кои го носат новиот светлосен потпис на брендот.

Профилот е помалку или повеќе неизменет, додека задниот дел добива редизајнирани задни светла со нагласено потродимензионална форма, како и голема широка CITROEN ознака на петтата врата. Дел од освежувањето се и новите бои (меѓу кои и Manhattan зелената на нашиот тестен модел), како и нови дизајни на тркалата.

Поврзано:  ТЕСТ: Citroën C3 Aircross 1.2 PureTech 100 BVM6 Plus - Градски шармер, семеен транспортер, па и теренски кросовер

Акцент на комфорот

Позначително (иако не толку визуелно) освежување има во кабината. Кабината добива уште покомфорни Citroën Advanced Comfort седишта кои сега имаат дополнителни 15 милиметри супер-мек сунѓер, но и грст нови технологии.

Пред возачот е поставен 5.5-инчен екран на кој се прикажуваат најважните параметри околу возењто, додека на арматурната табла е поставен нов Citroën Connect инфозабавен систем со Android Auto и Apple CarPlay поврзување и еден куп други функционалности. Под инфозабавниот уред има отвори за вентилација, додека под нив се физичките контроли за клима-уредот. На централниот гребен меѓу возачот и совозачот се поставени контролите за менувачот и селекторот за режим на возење.

Возачката позиција е одлична, прегледна и супер-комфорна. Околу возачот и совозачот има доволно места за складирање ситници и ергономијата е воглавно добра и сите команди се онаму каде очекуваме да бидат. Посветено е и малку повеќе внимание на материјалите во кабината, па иако во кабината генерално доминираат пластики, сепак се забележува дека е поработено на текстурите и финалната обработка.

Просторната понуда останува непроменета во однос на C4 пред освежувањето – а тоа значи сосем доволно простор на задната клупа (која е подеднакво комфорна како и предните седишта). Преку големата петта врата се пристапува до багажниот простор кој е со капацитет од 380 литри – сосем респектабилно за сегментот.

C4 лебди и преку нашиот светски-познат асфалт

А каков е C4 зад управувачот? Повторно, зборот „комфор“ е збор на денот. Сега сите верзии на C4 ги добиваат прогресивните хидраулични амортизери на Citroën , па (да, дури и по нашите улици кои се светски-познати по супер-мазниот асфалт) возењето е навистина како на волшебен ќилим.

Поврзано:  Официјално: Македонија ќе биде домаќин на Светскиот Спачек Собир во 2029!

C4 едноставно како да лебди над асфалтот и само остри нерамнини успеваат да ја нарушат сувереноста на мирот во кабината. C4 нема никакви спортски аспирации, туку се концентрира токму на комфорот и мирот.

Турбо-бензинец со 130 коњски сили и автоматски менувач

Задолжен за задвижување на C4 е добро-познатиот 1.2-литарски PureTech турбо-бензинец со 3 цилиндри кој во оваа конфигурација испорачува 130 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 8-брзински автоматски менувач, а тоа пак овозможува забрзување до 100 километри на час за 10.2 секунди и максимални 200 километри на час.

Во нормален режим на работа, одзивот на педалата за гас е помек и полинеарен, додека во Sport моторот поподготвено реагира на секое притискање на десната педала и овозможува динамичност која едноставно делува можеби и малку неочекувано. За време на неколкудневното тестирање забележавме просечна потрошувачка од околу 8.5 до 9 литри бензин на 100 изминати километри во градски услови.

И повторно – кога нешто функционира, нема потреба многу-многу да се менува.

Заклучокот се наметнува самиот – освежениот C4 успешно ја користи (и ја надградува) постоечката формула. А која е таа? Па, не е премногу комплицирано – едноставно, најголемиот фокус е токму кон комфорот и лесното секојдневно користење. Заборавете на сè што мислите дека знаете и уживајте во спокојот позади управувачот. И тоа е тоа.

Спецификации

Модел: Citroën C4 1.2 Puretech 130 EAT8 Plus
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 130 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10.2 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4350 mm
Ширина: 2032 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1520 mm
Тежина: 1266 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2670 mm
Багажен Простор: 380 – 1250 литри
Потрошувачка: 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Citroën C4 Hybrid 110 e-DCT6 You – 24.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Citroën C4 1.2 Puretech 130 EAT8 Plus – 25.490 Евра
(со вклучен промотивен попуст од 1500 Евра)
Гаранција: 2 години / неограничен број на километри
Повеќе Информации: Citroën.com.mk
Поврзано:  2CV Клуб Скопје е кандидат да биде домаќин на светскиот 2CV собир во 2029!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.