Hipster претставува компактен електричен автомобил со јасна визија за иднината на достапната електрична мобилност.
Hipster Concept претставува алтернативен пристап во дизајнот, различен од модерните електрични модели, фокусирајќи се исклучиво на основните потреби на возачите.
Возилото е долгo само три метри, тежи помалку од 800 кг и има четири седишта. Доаѓа со коцкаст дизајн и три врати, максимална брзина до 90 км/ч и досег на возење до 150 км.
Од Dacia велат дека повеќето возачи во Европа дневно поминуваат помалку од 40 км, па оттаму тврдењето дека капацитетот е сосема доволен за секојдневните потреби држи вода.
Во ентериерот има држач за паметен телефон кој се користи како дигитален клуч, музички и навигациски уред, а тука е и преносливиот Bluetooth звучник. Поставен е и модуларен систем со држачи за чаши, закачалки, и осветлување, со чија помош максимално е искористен просторот во возилото.
Dacia најави дека доколку Европската Унија воведе нова категорија за компактни возила со помалку регулативи (како на пример јапонските кеи возила), Hipster би можел брзо да оди во сериско производство. Нам ни останува да се надеваме дека тоа ќе се случи во скора иднина.