На прсти се бројат имињата кои се навистина легендарни во автомобилскиот свет. Има илјадници и илјадници модели, и има дури и некои кои успешно го ископирале рецептот – но само еден е Defender.
Минатата седмица Аутомобили Груп – увозникот за возилата на Land Rover за Македонија – организираше настан наменет за сопствениците на Defender, со цел да им понуди и поинакво теренско искуство, но и поинакво гастрономско доживување.
Од Land Rover гордо кажуваат дека Defender е бренд кој има цел. А таа цел е да се поддржат хероите и оние кои секојдневно го прифаќаат невозможното, за да ја заштитат природата. Па каде би можеле да одиме? Резерватот Јасен, односно дестинацијата Козјак.
Па колона од околу 15-тина примероци на Defender – и тоа во неколку различни конфигурации – се упати токму кон Козјак и Grizzly Igloos. Grizzly Igloos е проект на Кристина и Александар Христови, и е сместен во срцето на Козјак, со спектакуларен поглед кон езерото Козјак и е опкружен со недопрена природа, која оваа иницијатива сака да ја задржи таква.
По краткото претставување на проектот и дискусија околу историјата на Defender, одиме на кратка, но интересна и предизвикувачка теренска авантура. И ако големиот теренец изгледа огромен на градските улици, кога е на терен – тој едноставно припаѓа таму.
Теренските патишта низ кои минуваме не се никаков предизвик за Defender и неговиот супер-напреден погон. Едноставно – еден по еден, минуваме преку макадам, камења, па и вода и кал. И нема проблем. Едноставно – нема проблем.
По теренските активност, време е за гастрономска авантура создадена од шеф Александра Атанасовска, позната и како Alex Pucci. Македонската мајсторка на фината кујна создаде врвна комбинација од автентични македонски вкусови со локални и сезонски состојки, но сето тоа интепретирано на начин кој одговара на карактерот на Defender – луксузно, модерно и моќно истражување на вкусовите и комбинациите.
Ваквите настани се реткост, но ги цениме кога се случуваат, а можноста да се искусат локалните можности и терени, и да се проба локална храна подготвена на храбар, авантуристички начин е тотално во духот на Defender. А Defender е само еден.








































