Добро го познаваме Peugeot 308 – досега сме го возеле во неколку различни конфигурации. Но дали плаг-ин хибридниот караван е најдобрата изведба на 308?
Во ред, во ред, Peugeot веќе го претстави освежениот 308. Но тоа не значи дека не треба да посветиме малку внимание на верзијата која ќе добие свој наследник и кај фејслифтираниот модел, а притоа малку да зборуваме и за (во нашите очи) најмалку-популарните каросериски изведби кај нас – караваните.
Каравани се кул.
Каравани се кул. Едноставно се. И во нашите очи секогаш ќе бидат. Не само што изгледаат одлично (и многу, многу подобро од скоро секој трендовски SUV), туку истовремено нудат и врвна практичност. Сите придобивки од низок хечбек или седан, во комбинација со практична просторна понуда која ги надминува сите извикани „семејни“ SUV модели.
А 308 SW е одличен караван. Првиот контакт го имавме уште пред неколку години на интернационалната презентација на 308, но сега поминавме малку време со него на домашен терен. Суштинските разлики со обичниот 308 започнуваат по задните врати – каросеријата е продолжена, но кровната линија е ниска и задниот дел завршува со исфрлен заден браник, нагласен интегриран спојлер и широки тенки задни светла.
Дали е ова најпривлечната изведба на 308? Па во нашите очи задниот дел на 308 SW изгледа нијанса подобро од задниот дел на обичниот 308.
Спортска хај-тек кабина
Во кабината е слично – ја добиваме истата хај-тек i-Cockpit кабина која ја добиваме и кај 308. Тоа значи темелна дигитализација со ниско-поставен управувач, централно-поставен мултимедијален уред и дигитални i-Toggles до најкористените функционалности. Дури и во оваа Allure Pack варијанта, 308 добива одлични спортски седишта кои нудат одлична странична поддршка, а во кабината е комфорно и со акцентирани спортски детали.
Задната клупа на 308 никогаш не била најпросторната во сегментот, но двајца ќе патуваат комфорно. Всушност, но потреба можеби ќе собере и тројца патници, но не би го препорачале тоа ако патувате кон подалечни дестинации.
Она што е вистинскиската супермоќ на 308 SW (дури и во плаг-ин хибридна варијанта) е багажникот. Кога ќе ја отвориме петтата врата нè пречекува багажник со капацитет од 548 литри, односно дури 1574 литри кога ќе ги преклопиме задните седишта. Багажникот е со правилна форма, а петтата врата овозможува лесен пристап кон товарниот простор, што пак олеснува внесување и вадење на поголеми предмети.
Моќен и ефикасен плаг-ин хибриден систем. На струја, возењето е „беспари“.
А плаг-ин хибридниот систем? Па веќе го познаваме – тоа е истиот систем кој Peugeot го вградува и во хибридниот 308 во хечбек варијанта. Системот комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 250 Nm од 1750 вртежи во минута, со електромотор кој испорачува 110 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Електромоторот се храни од батерија со капацитет од 12.4 kWh, а вкупната, системска моќност е 180 коњски сили и 360 Nm вртежен момент.
Според официјалните спецификации од Peugeot, хибридниот караван може да помине околу 65 километри со полни батерии. Нашето искуство покажа дека градската авономија е околу 50-тина километри, што пак е повеќе од доволно за дневните потреби на едно просечно македонско семејство. Тоа пак значи дека може да поминат денови и денови без воопшто да се активира бензинскиот мотор. Во домашни услови, полнењето од на батериите трае неколку часа – а тоа значи полнење преку ноќ, (на евтина струја, нормално) и трошок за поминување 100 километри на струја од околу 100 денари. Незначително.
А електромоторот сосем лесно го задвижува плаг-ин хибридниот 308 SW. Перформансите на струја се задоволителни, особено за возење низ град. Системот овозможува возење на струја при брзини до 130 километри на час, во во реалноста, во градски услови секако ќе возите со брзини до околу 50-тина километри на час. За оние моменти кога се потребни повеќе перформанси, благодарение на системската моќност бенчмаркот од 100 километри на час се достигнува за 7.6 секунди, додека максималната брзина е 225 километри на час.
И? Па.. Нема „и?“. Караваните се кул. Плаг-ин хибридни каравани се уште подобри!
И добро, каде нè носи сето ова. Па, ние тука во CARclub сакаме каравани. И не го криеме тоа. А ги сакаме и плаг-ин хибридите. Не го криеме ниту тоа. Па кога видовме дека на располагање имаме 308 SW со плаг-ин хибриден погон, со задоволство го побаравме (и го добивме) на тестирање. И едноставно – не нè разочара. Кај плаг-ин хибриден, па и караван!
Спецификации
Модел: | Peugeot 308 SW Allure Pack PHEV Hybrid 180 |
Мотор: | 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 150 коњски сили / 4250 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 250 Nm / 1750 вртежи во минута |
Моќност (електромотор): | 110 коњски сили |
Вртежен Момент (електромотор): | 320 Nm |
Системска Моќност: | 180 коњски сили |
Системски Вртежен Момент: | 360 Nm |
Менувач: | Автоматски, 8 брзини |
0-100 км/ч: | 7.6 секунди |
Максимална Брзина: | 225 километри на час |
Должина: | 4636 mm |
Ширина: | 2062 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1444 mm |
Тежина: | 1659 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2737 mm |
Багажен Простор: | 548 – 1574 литри |
Потрошувачка: | 3.1 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на тестираниот модел: | Со оглед на тоа дека овој модел е веќе заменет со освежен, не објавуваме цена. Го возевме од пусти мерак. :) |
Повеќе Информации: | Peugeot.mk |