Citroën ќе се натпреварува во Formula E шампионатот од следната година, а за францускиот тим ќе возат Jean-Éric Vergne и Nick Cassidy.
Францускиот производител одлучи вистински да ги изненади своите фанови и од следната година да се вклучи со фабрички тим во Formula E шампионатот. Од Citroen гордо кажуваат дека ги делат вредностите со моторспортот во неговата највизионерска форма – целосно електрична, одговорна и посветена кон вистинското натпреварување.
За Citroën ќе возат два возачи. Еден од нив е 35-годишниот Jean-Éric Vergne кој во своето портфолио има титули во Франција, но истовремено искуство и во F1 како возач за Torro Rosso од 2012 до 2014 и веќе има настапувано во Formula E под знамето на Andretti Motorsport. Во моментов вози за Peugeot TotalEnergies во FIA WEC шампионатот.
За тимот ќе вози и 31-годишниот Nick Cassidy од Нов Зеланд. Тој има три шампионски титули во Јапонија, и тоа за Formula 3, Super GT и Super Formula. Во 2023 беше второпласиран во Formula E шампионатот, а минатата сезона ја заврши на третото место на ранг-листата. Има 11 победи и 25 подиуми во Formula E. Тој има искуство и во DTM и во FIA WEC.
Да бидеме искрени, одлуката на Citroën не „фати“ малку неподготвени, но во позитивен контекст. Со нетрпение очекуваме да го видиме дебито на францускиот бренд и францускиот тим на шампионатот!