Со најновиот концепт кој го претстави во Минхен, Skoda ја најавува иднината на бест-селерот Octavia – а иднината е многу, многу интересна.
Концептот Vision O едноставно изгледа спектакуларно. Дизајнерите на чешкиот бренд на екстремен начин го интерпретирале Modern Solid дизајнерскиот јазик на Skoda и резултат на сето тоа е концепт кој (ако ги игнорираме типичните концептски лудила) е многу, многу блиску до Octavia која за неколку години ќе пристигне во салоните.
Дизајнот ја нагласува хоризонталноста на автомобилот. Предниот Tech Loop дел е со интегрирани светла и чисти линии, кои продолжуваат околу целиот концепт. Исфрлениот Б-столб кој е во бела боја е одличен контраст на црниот кров, а задните врати се отвораат наназад. На задниот дел гледаме нов, супер-тенок светлосен потпис и огромни SKODA букви на петтата врата.
Сличниот минималистички, но храбар и хај-тек пристап продолжува и во кабината. Нема конвенционални инструменти, туку има огромен, 1.2-метарски Horizon Display кој се протега низ долниот дел од ветробранското стакло.
Понатаму, има и уште еден вертикално-поставен дисплеј на арматурната табла, а под него има конзола со безжични полначи за мобилен телефон и мал ротирачки контролер за контролирање на многу од фукционалностите.
Океј, но што значи сето ова за Octavia? Па со овој концепт, Skoda ја најавува насоката во која ќе се движи во иднина. И изборот да се претстави Octavia како караван е многу свесно и намерно направен – иако во своето портфолио чешкиот бренд има многу SUV модели, сепак Octavia е нешто посебно и всушност, ако имате автомобил кој е толку привлечен и практичен, зошто би купиле SUV?























