Audi пред само неколку месеци го претстави новиот седан – и новиот A6 веќе пристигна и во Македонија.
Дизајнот на новиот A6 Sedan е јасен и функционален. Впечатливиот преден дел со тенки светла и истакнати Audi прстени е дефиниран од големата, ниско поставена маска. Двете задни светла со прецизна графика и континуираната светлосна лента му даваат на новиот модел доминантно присуство.
Еден од најважните елементи за нискиот коефициент на воздухот со вредност од 0.23 се страничните отвори на предната страна со чија помош значително се подобрува аеродинамиката – всушност, ова е најаеродинамичниот модел со внатрешно согорување на Audi во историјата на брендот.
Во новиот модел, хибридниот MHEV plus mild-hybrid систем се користи кај четирицилиндричниот 2.0 TDI со 204 коњски сили и кај шестцилиндричниот 3.0 TFSI со 367 коњски сили. MHEV plus системот овозможува целосно паркирање и маневрирање на електрична енергија и обезбедува дополнителни 24 коњски сили и дополнителен вртежен момент до 230 Nm при тргнување или претекнување.
Кабината е темелно дигитализирана – пред возачот има 11.9-инчен дигитален дисплеј, додека централно е поставен огромен 14.5-инчен инфозабавен систем. Како дополнителна опрема, може да се добие уште еден, 10.9-инчен екран за совозачот. Секако, во кабината преовладуваат премиум материјали и текстури – како што и очекуваме од Audi.
За повеќе информации, посетете ја официјалната веб-страница на Audi, или пак посетете го салонот во рамките на Порше Македонија.






















