Volkswagen го претстави ID. Cross концептот, кој всушност и не е толку концепт, колку што е сериозна најава за мал електричен кросовер кој треба да пристигне на пазарот следната година.
Дизајнот на ID. Cross концептот е храбар, но пријателски. Дизајнерите на Volkswagen одлучиле да применат нијанза поконзервативен пристап и да не „бркаат трендови“ туку да понудат издржан, долгорочен дизајн кој нема да изгледа застарено за само неколку години. Секако, препознаваме дизајнерски елементи од ID. 2all (односно она што ќе биде ID. Polo) и форми инспирирани директно од тековниот T-Cross, но сепак концептот изгледа навистина созреан.
Интересен детал ни се големите црни панели околу крилата, во кои пак се сместени огромни 21-инчни тркала. Тркалата се обвиени во пневматици од Continental, кои успеваат да го пренесат дизајнот на тркалата во шарата на самите пневматици.
Сега за сега, Volkswagen не објавува конкретни детали околу погонот на T-Cross, но знаеме дека ќе може да помине околу 420 километри (според WLTP) и дека моторот поставен во предниот дел испорачува 211 коњски сили. ID. Cross ќе ја дели MEB Plus платформата со ID. Polo, која и во двата случаи е темелно преработена за погон на предните тркала.
Кабината е дигитализирана, но истовремено е замислена и дизајнирана да биде место за комфорно и лесно возење. Пред возачот е поставен 11-инчен дигитален панел со инструменти, додека на арматурната табла е поставен 13-инчен таблет. Под него има цел ред на физички копчиња и мал ротирачки контролер.
На управувачот забележуваме физички копчиња наменети за многу од функционалностите, а контролерот за преносот е поставен зад управувачот за лесно користење. И во кабината никаде нема пијано-црна пластика! Не, ни нас не ни се верува.
И да, официјално ова е само концепт. Но Volkswagen веќе објави дека концептот е многу, многу, многу блиску до серискиот автомобил кој би требало да пристигне во салоните веќе следната година.



















