Porsche претстави безжичен систем за полнење, ќе дебитира кај електричниот Cayenne – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche претстави безжичен систем за полнење, ќе дебитира кај електричниот Cayenne

Porsche воведува безжично полнење за своите електрични автомобили, а првиот модел кој ќе го добие системот е новиот електричен Cayenne кој треба да пристигне на пазарот следната година.

Целосно-електричната изведба на Cayenne добива безжично полнење преку индуктивна плоча која стои на подот. И ова е навистина практично решение, сè додека имате можност секогаш да го паркирате вашиот електричен автомобил на истото место. Но навистина – нема кабли, нема „вклучи-исклучи“, едноставно се паркирате над полначот и вашиот Cayenne се полни со максимални 11 kW (и тоа со ефикасност од 90% според Porsche).

Полначот ги има сите потребни компоненти за да овозможи безжично полнење, но (нормално) треба да е вклучен во струја. Сè што треба е да го паркирате вашиот Cayenne над полначот, воздушната суспензија автоматски ќе се спушти за дистанцата меѓу автомобилот и подлогата да биде што е можно помала (околу 10 сантиметри). Системот автоматски ќе препознава домашни миленици и ќе може да го прекине полнењето доколку го забележи Арон како се шета низ вашата гаража.

Инаку, самиот полнач тежи околу 50 килограми и има вградена LTE и WLAN врска. Полначот и процесот на полнење ќе можат да се контролираат и надгледуваат преку MyPorsche апликацијата, а самата технологија е слична на индуктивното безжично полнење кај мобилните телефони.

Системот официјално ќе дебитира на саемот во Минхен, а ќе биде достапен од следната година. Електричниот Cayenne ќе дебитира до крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.