Со спектакуларниот Concept C, Audi ја најавува иднината на својот дизајн – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Со спектакуларниот Concept C, Audi ја најавува иднината на својот дизајн

Audi се подготвува за прилично радикално дизајнерско поместување – а новиот Concept C е храбра визија за тоа како Audi ќе ги дизајнира своите автомобили во иднина.

Ајде веднаш да расчистиме – Concept C не е само концепт кој по претставувањето ќе „дреме“ во музеј. Со Concept C, Audi директно најавува сериски модел кој според некои информации до кои пристигнавме, ќе ги обедини TT и R8 во еден заеднички модел.

Е сега – Concept C е електрично купе-кабриолет со електричен преклоплив кров, најверојатно поставено на платформа која ќе ја дели со електричните наследници на Porsche Boxster и Cayman. Од Audi кажуваат дека брендот „прави храбар чекор кон намалена и безвременска естетика“.

Што значи тоа? Па „концептот го означува почетокот на нова дизајнерска филозофија, па со тоа е и дефинирачки момент за Четирите Прстени“ – односно, овој концепт најавува како ќе изгледаат моделите на Audi во иднина. Целиот проект е под назор на главниот креативец во Audi – Massimo Frascella, кој пак го опишува Concept C како „повик за акција за целата компанија“.

Frascella додава дека „исклучително е важно повторно да го направиме брендот препознатлив. Тоа е филозофијата позади секоја одлука и ќе ги примениме овие принципи во целата организација“. Од Audi гордо напоменуваат дека дизајнот оддава почит и на Auto Union Type C, тркачкиот автомобил со кој Audi доминираше во 30-тите години од минатиот век. Секако, инспирација е влечена и од оригиналното, безвременско TT Coupe, но и од други модели на брендот. Frascella кажува дека спојувањето на решетката на Type C и Singleframe решетката која беше препознатлива за Audi изминативе години резултирало со „Vertical Frame“ решетката на Concept C. Едноставно, убаво.

Поврзано:  Најновиот, супер-хај-тек Audi A6 пристигна во Македонија

Во кабината, пристапот е радикално поинаков од оној досега. Од Audi ова го објаснуваат како „Shy Tech“, односно срамежлива технологија. Оваа филозофија значи дека технологијата треба да е присутна, но не треба секогаш да е видлива. Па централниот екран може да се скрие, а физичките контроли се внимателно интегрирани во арматурната табла. Истовремено, намерно се користени природни, опипливи материјали – на пример, алуминиум за фантастичните рачки на вратите.

Океј, храбар чекор за Audi, навистина. И навистина добро изгледа. Со нетрпение го очекуваме серискиот автомобил!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.