Vision O е концепт за електричен караван со кој чешкиот бренд ќе ја најави најновата генерација на доминантната Octavia.
Škoda се подготвува за саемот на автомобили во Минхен, каде ќе го претстави Vision O – концепт со кој ќе ја најави следната генерација на доминантната Octavia.
Сега за сега, сè уште е рано за да ја видиме новата Octavia во нејзин конечен формат, но со самиот факт дека Škoda ќе претстави електричен концепт, најавува во која насока ќе се движи новата генерација на чешкиот бест-селер. Секако, познавајќи ја Škoda, можеме со одредена доза на сигурност да шпекулираме дека дека во понудата ќе се најдат и другите, докажани погонски опции на Volkswagen групацијата (односнo TSI и TDI мотори со внатрешно согорување), но сепак електрификацијата ќе има многу важна улога – и за прв пат, Octavia ќе биде и целосно-електрична. Не е исклучена ниту можноста тековната Octavia да се продава паралелно со новата, целосно-електрична верзија.
Новата Octavia ќе ја дели платформата со новиот ID.Golf кој треба да пристигне на пазарот во слично време. Тие ќе бидат поставени на SSP (Scalable Systems Platform) платформата на концернот – а тоа значи врвни технологии како 800-волтна архитектура, брзо полнење, ефикасни електромотори и хај-тек батерии.