Жолтиот Ferrari F50 – кој е еден од два вакви автомобили во целиот свет – на аукција на RM Sotheby’s се продаде за 9.25 милион Долари, односно безмалку 8 милиони Евра.
Овој спектакуларен автомобил своевремено бил нарачан од модниот магнат Ralph Lauren кој имал врвна колекција на Ferrari автомобили. Потоа автомобилот заминал во рацете на приватни купувачи, за сега да се продаде на аукција на RM Sotheby’s за неверојатни 9.25 милиони Долари, односно 7.9 милиони Евра.
Како што напоменавме, само два примерока на F50 ја напуштиле фабриката во Giallo Modena жолта боја, и највеорјатно токму тоа го прави автомобилот толку вреден. Изминатиов период се продадени и други примероци од F50, но цената се движеше околу 5.5 милиони Долари, односно – џабе.
Конкретниот примерок носи Ferrari Clasiche сертификат, односно потврда дека ги носи сите оригинални компоненти. Досега има поминато помалку од 8.690 километри. Колку за потсетување, Ferrari F50 е придвижуван од 4.7-литарски V12 (со директно потекло од F1) кој испорачува 520 коњски сили и 471 Nm вртежен момент кои ги пренесува кон задните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Своевремено, забрзуваше до 100 километри на час за околу 3.8 секунди и достигнуваше максимални 328 километри на час.
Му посакуваме на новиот сопственик многу безгрижни километри.
Фотографии: Jorge Guasso/RM Sotheby’s