Плаг-ин хибридните варијанти на Opel Astra и Astra Sports Tourer добиваат поголема батерија, што пак резултира со подобрена автономија и зголемена системска моќност.
Opel Astra и Astra Sports Tourer сега имаат уште поинтересни плаг-ин хибридни изведби. Наместо досегашната батерија со капацитет од 12.4 kWh, отсега ќе се вградува батерија со значително поголем капацитет, односно 17.2 kWh. Според Opel, ова ќе овозможи значително поголем досег на електрична енергија – наместо досегашните 57 километри, ќе можат да се поминат дури 83 километри пред да треба да се вклучи бензинецот. Турбо-бензинецот е непроменет, но системската моќност расте за 16 коњски сили, односно на вкупно 196 коњски сили!
„За оние кои сакаат да возат особено динамично, но и одговорно, а не се подготвени за да се префрлат на целосно-електричен автомобил, новиот плаг-ин хибриден погон во Astra и Astra Sports Tourer е вистинскиот избор. 196 коњски сили и моќни 360 Nm вртежен момент ветуваат брзо задоволство.“ – изјави Patrick Dinger од Opel Германија.
Интересно, Opel одлучи дека и покрај зголемената моќност и подобрената автономија, сепак нема да ја зголеми цената на плаг-ин хибридната Astra на домашниот пазар, во Германија. Овој погон веќе се нуди и во плаг-ин хибридниот Opel Grandland.