Целта на европскиот план кој сè уште се разгледува е значително намалување на емисиите на штетни гасови.
Германскиот канцелар Friedrich Merz го критикуваше нацрт-предлогот на Европската Унија кој предвидува компаниите за изнајмување автомобили и големите корпорации да ги заменат своите возни паркови исклучиво со електрични возила до 2030 година. Тој оцени дека овој предлог е одвоен од економските и практичните реалности во Европа и дека ги игнорира актуелните потреби.
Од ЕУ велат дека компаниите за изнајмување се еден од најголемите купувачи на нови автомобили и дека тие можат да помогнат во употребата на електрични возила откако истите ќе се појават на пазарот на користени автомобили.
Сепак, германскиот канцелар ја потенцираше загриженоста дека таквата политика би можела да и наштети на автомобилската индустрија, која е еден од столбовите на европската економија. Тој предупреди дека фокусирањето врз една технологија, која можеби не е целосно зрелa и подготвенa на пазарот, би можело да ја уништи индустријата и да создаде нереални очекувања за бизнисите и граѓаните.
Освен Германија, и други европски политички и индустриски претставници изразија загриженост за предложените мерки. Некои истакнaa дека забраната за возила со мотори со внатрешно согорување во изнајмувачките флоти е премногу инвазивна во пазарот и ги игнорира потребите на различните технологии и инфраструктури.